Струшкиот музеј ќе ги презентира растенијата на планината Јабланица
- Струшкиот музеј „Доктор Никола Незлобински“ ќе ги презентира растенијата собрани од различни локалитети од планината Јабланица во рамките на проектот „Растенија на планината Јабланица“, одобрен преку Министерството за култура и туризам, во рамките на годишната програма.
Струга, 28 април 2025 (МИА) - Струшкиот музеј „Доктор Никола Незлобински“ ќе ги презентира растенијата собрани од различни локалитети од планината Јабланица во рамките на проектот „Растенија на планината Јабланица“, одобрен преку Министерството за култура и туризам, во рамките на годишната програма.
Целта на изложбата, како што појасни директорката на установата Цветлана Василевска, е да се презентира богатата и различна флора која е застапена на планината Јабланица.
- Исто така оваа година ќе се реализира и едукативниот дел од изложбата, кој ќе содржи податоци и материјали за растенијата, нивната градба, фотосинтеза и нивно размножување за да им послужи на посетителите, а посебно учениците да го збогатат своето знаење за растенијата, истакна Василевска.

Преку овој проект, потсети дека лани беа реализирани теренските активности на неколку локалитети на планината Јабланица, а собраниот материјал е хербаризиран и во тек е негова стручна обработка. Подготвени се и витрините во кои ќе биде поставен собраниот материјал.
- Ги репариравме старите витрини, кои беа во доста лоша состојба, а поставени беа и нови стакла и лед светла во секоја витрина со што се доби еден посовремен изглед, кој истовремено се вклопува во останатиот дел од поставката. За едукативниот дел се дизајнираа и отпечатија фотографии, постери, стручни текстови и етикети за хербаризираните растенија. Набавени се потребните материјали за хербаризирање на растенијата, но и опрема потребна за понатамошните теренски истражувања, изјави Василевска.
Музејот, нагласи директорката, секоја година врши превентивна заштита на музејските експонати и музејскиот материјал, односно дезинсекција (фумигација) на изложените и депонираните музејски експонати, кои се од органска природа, со цел да се заштитат од штетници, а се користат соодветни препарати и хемиски средства за таа намена. сс/мд/
Фото: Музеј „Доктор Никола Незлобински“