• четврток, 14 ноември 2024

Стручни лица ќе им помагаат на основците од Карпош да се соочат со стресните ситуации во семејството

Стручни лица ќе им помагаат на основците од Карпош да се соочат со стресните ситуации во семејството

Скопје, 20 март 2024 (МИА) - Околу 125 наставници и стручни соработници кои работат во основните училишта во Карпош се стекнаа со сертификати за успешно завршена четиридневна обука, која ја спроведе лиценцираниот психолог и психотерапевт д-р Драгана Батиќ. Станува збор за проектот под наслов „Психо-социјална поддршка на децата во училиштата после стресни настани“, што го поддржа Општина Карпош со финансиски средства во висина од 60 000 денари.

Оваа обука, како што информира Општината, беше неминовна за образовниот кадар од училиштата во Карпош, за да реагираат соодветно во однос на децата и родителите при стресни ситуации со кои се соочуваат малолетниците, како што е разводот на родителите и живеење во еднородителско семејство.

-На овој начин училишните психолози, педагози и наставници од Карпош добиваат стручна едукација од д-р Батиќ, која воедно е и професорка на Факултетот за безбедност во Скопје. Оттука, учесниците во обуката се стекнаа со дополнителни искуства кои ќе ги искористат за пружање на психосоцијална поддршка во периодот кога децата поминуваат низ разводот на родителите. Пристапот на стручните лица кои ќе работат со основците од Карпош би бил пред сè од превентивна природа, кој треба да делува позитивно врз нивното ментално здравје, за да не дојде до развивање на понатамошни психички проблеми, особено во адолесцентниот период, наведува Општина Карпош.

Целна група на проектот беа стручните тимови и наставниците од прво до петто одделение од основните училишта во Карпош. Обуката се одвиваше во форма на искуствени работилници во чии рамки беа обработени повеќе теми за семејството во процесот на развод. Се говореше за промените во структурата на семејството, за стресот од разводот и соочување со стресот кој може да резултира со хиперактивност или повлеченост кај децата, се анализираа емоционалните фази низ кои поминуваат малолетниците, а беа дискутирани и целите и методите на интервенција за време на секоја фаза. мч/aa/

фото: Општина Карпош

Остани поврзан