• петок, 22 ноември 2024

Струмичкиот карневал ќе се одржи на 16 март

Струмичкиот карневал ќе се одржи на 16 март

Струмица, 16 февруари 2024 (МИА) - Главната карневалска вечер на годинашното издание на Интернационалниот струмички карневал ќе се одржи на 16 март. Организациониот одбор денеска ги објави плакатот и програмата за карневалот, кој и годинава ќе трае 8 денови, од 13 до 20 март.

Вообичаено карневалските празнувања почнуваат со свечено предавање на клучот од градот од градоначалникот на карневалистите, а потоа треба да биде отворена изложба на карневалски маски на СОУ „Јане Сандански“.

На 14 март ќе се одржат два концерти под маски на Музичкото училиште „Боро Џони“, а меѓу концертите е предвидено отворање на изложба „30 години во FECC“, а ќе се објават и резулатите од темата за проза и поезија за карневалот во организација на Библиотеката „Благој Мучето“.

В петок, на 15 март, ќе одржи традиционалниот маскенбал, на кој се избираат принц и принцеза на Карневалот, кои заедно со кралската свита ќе ја предводат Интернационалната карневалска поворка на главната карневалска вечер на 16 март во 18:30 часот.

Детскиот карневал се одржува традиционалнао на празникот Прочка, в недела на 17 март, а на Чист Понеделник (18 март) карневалските празнувања продолжуваат со варење и консумирање на традицоналниот бел грав, а ќе бидат објавени и резултатите за најуспешните маски од интернационалната карневалска вечер. Во НУЦК „Антон Панов“ во Струмица ќе биде отворена и традиционалната изложба на карикатури и афоризми и ќе бидат доделени наградите на најуспешните.

Претпоследниот ден е резервиран за Карневалско корзо и доделување на наградите од Интернационалната карневалска вечер.

Карневалот завршува на 20 март со организирање Тримерски ручек и настап на Распеани струмичани, како и враќање на клучот од градот на градоначалникот од страна на карневалистите.

Инаку, датумот на одржување на Струмичкиот карневал секоја година е различен, бидејќи се поврзува со почетокот на големиот велигденски пост кој почнува секоја година на верскиот празник Прочка и трае 40 денови. рт/дма/

Фото: Струмички карневал

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан