• понеделник, 23 декември 2024

Струмица доби 1.212 нови канти за смет за домаќинствата и 59 контејнери

Струмица доби 1.212 нови канти за смет за домаќинствата и 59 контејнери

Струмица, 21 октомври 2024 (МИА) - Набавени се нови 1.212 канти за отпад, односно канти за хартија и пластика коишто бесплатно ќе ги добијат домаќинствата и 59 контејнери исто така за овој вид отпад. Посебно сакам да нагласам дека за прв пат почнуваме и со трета канта за селекција на хартија и вакви канти ќе добијат околу 600 домаќинства, изјави денеска градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов по пристигнувањето на кантите и контејнерите во дворот на комуналното претпријатие.

Според него, тоа е значителен влог на Општината и ЈПКД „Комуналец“ во селектирањето на отпадот и заштита на животната средина и тој е убеден дека и домаќинствата коишто ќе ги добијат овие канти ќе знаат да го вреднуваат тоа и правилно да го селектираат отпадот.

-Дополнително преку Министерството за животна средина и просторно планирање обезбедуваме контејнери со капацитет од еден метар кубен, вкупно 50 и дополнително имаме нови полуподземни контејнери со што бројката на овие контејнери достигнува 27 и ја подигнува Струмица во капацитетот за добро менаџирање за отпад, истака Костадинов.

Тој апелира до граѓаните за домаќинско однесување и кон кантите за селектирање на отпадот и кон полуподземните контејнери, кои во неколку наврати, дел од нив, беа опожарени. Додаде дека проектот „Струмица безбеден град“, кој беша изгласан на Форумот на заедниците, преку поставување на камери во градот ќе придонесе за намалување на вандалското однесување и уништување на урбаната опрема. рт/дма/

Фото: МИА

Остани поврзан