• недела, 22 декември 2024

СТО предвидува опоравување на светската трговија и покрај ризиците од конфликтите

СТО предвидува опоравување на светската трговија и покрај ризиците од конфликтите

Женева, 10 април 2024 (МИА) - Светската трговска организација (СТО) денеска соопшти дека предвидува опоравување на глобалната трговија годинава, но конфликтите, геополитичките тензии и неизвесноста на економската политика претставуваат значителни негативни ризици.

СТО очекува обемниот раст во глобалната трговија со стоки да изнесува 2,6 отсто во 2024 година (споредено со прогнозата од 3,3 отсто во октомври) и 3,3 отсто во 2025 година.

„Се движиме кон закрепнување на глобалната трговија, благодарение на отпорните синџири на снабдување и силната мултилатерална трговска рамка“, коментираше генералниот директор на СТО, Нгози Оконџо-Ивеала.

Таа додаде дека е императив да се ограничат ризиците, како што се геополитичките немири и ситнење на трговијата со цел да се одржи економскиот раст и стабилност.

Во извештајот дополнително се проценува дека растот на глобалниот БДП ќе остане стабилен во целина во следните две години, а се очекува да достигне 2,6 отсто во 2024 година и 2,7 отсто во 2025 година.

Високите цени на енергенсите и инфлацијата продолжија да влијаат на побарувачката за индустриски стоки минатата година, што доведе до пад од 1,2 отсто на обемот на глобалната трговија со стоки, додека СТО очекуваше зголемување од 0,8 отсто во октомври.

„Надолната ревизија главно се должи на резултатите во Европа кои се полоши од очекуваните“, објасни главниот економист на СТО, Ралф Оса. рп/

Фото: МИА архива

Остани поврзан