• понеделник, 23 декември 2024

Сточарството во Малешевијата исправено пред големи предизвици

Сточарството во Малешевијата исправено пред големи предизвици

Берово, 10 декември 2023 (МИА) - Сточарите од Малешевијата и годинава се собраа на заедничка вечер на која разменија мислењата за годината која измина, но и поставија нови цели за 2024 година. Организатор на третата по ред Сточарска вечер беше познатата земјоделка Вангелина Пармачка која е носител на земјоделско стопанство, членка на Националната федерација на фармери, како и дел од управниот одбор и дел од потсекторската група во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, во групата на производители од животинско потекло.

Давајќи оценка за изминатата 2023 година  Пармачка посочи дека годината била малку потешка од вообичаено поради врнежливата пролет.

-Јас сум земјоделка носител на земјоделско стопанство, а воедно со сопругот и главни организатори на оваа традиционална сточарска вечер која се одржува трета година по ред. Нас многу ни е мило што вечерва салата е полна има расположение има земјоделци. Можам да кажам 2023 година беше малку тешка година, затоа како што знаеме пролетта беше многу врнежлива, па дел од земјоделците не можеа да си го планираат своето производство. Како и секогаш досега продолжуваме понатаму, како членка на Федерација на фармери директно од терен ги собираме резултатите и ги пренесуваме директно во земјоделието. Во Националната федерација на фармери ги детектираме недостатоците, програмите кои треба да се прошират и поддржат затоа што земјоделството е една од најтешките гранки, истакна Пармачка.

Фокусот за наредната година, додаде, останува на проширување и поддршка на сите земјоделци, со акцент на жените земјоделки. 

-Во таа насока на нас земјоделците овде во салата и пошироко во државата, многу ни е мило што се препознава земјоделскиот труд, што се препознава домашното производство, затоа што секој сака да вкуси домашно, дали од нива, дали домашно сирење, буквално домашни производи кои народот ги препознава и ги бара затоа што домашното, прво е поздраво, второ е вкусно и квалитетно за разлика од куповното, додаде Пармачка.

Како  актуелен сопственик на Млекарницата Берово, Благој Механџиски Зегин истакна дека ваквите средби претставуваат момент  кога треба да се даде поддршка за враќање на сточарството на нивото кое го имало пред повеќе од 15 години.

-Јас кога ја земав млекарницата пред 20 години дневно откупувавме и по 15 до 20 илјади литри млеко. Сега нема 10 илјади на сиот Малешевски крај, затоа не сум среќен, бидејќи ние се направивме сточарството да го уништиме. Малешевските планини, полиња и ниви жалат за сточниот фонд кој отиде во непознати правци. Затоа апелирам до сите да знаат едно дека цената на млечниот производ е еднаква во странство и тука, затоа да се вратат на истите сточни позиции кои ги имаше Малешевијата, рече Механџиски.

Се потсети на поодамнешните времиња кога во неговото родно село се откупувале јагниња колку сега во целиот источен регион

-Се сеќавам во 1953 година кога бев прво одделение, моето село Русиново даде за една година 15 илјади јагниња, а сега ние немаме толку во целиот источен регион. 

Затоа овој терен овој бренд Малешевски на млечни производи треба да го вратиме и да дадеме поддршка и не само вака да се собираме, туку да им дадеме поддршка на тие кои се уште останаа, а и тие што ги нема да се вратат. Едноставно сакам да им дадам поддршка, сакам да ги храбрам, Малешевијата да ја вратиме со својот малешевски производ кој беше познат секаде, додаде Механџиски.

За жал сточниот фонд како што вели Никола Пандурски од село Црник, Пехчевско од година во година се намалува.

-Околу мене имаше 1000 овци останав уште јас со 250, некои ги продадоа, некои починаа, некои по Швајцарија избегаа, останав уште јас. Како и секоја година кукаме кажуваме, но нема кој да ти обрне внимание тежок семен бизнис, за да опстанеш тежок бизнис,  вели Пандурски.

Тој е задоволен што годинава била добра особено за продажбата на јагниња.

-Јас сум инаку одгледувач на овци, имам околу 250, две крави, свињи за свои потреби чувам, кучиња имам 13, тоа е од стока што чувам. Оваа година може да се вброи малку како подобра, со јагнињата поминавме подобро, 200 денари имавме цена, сирењето е добро, тоа не одржува во живот, малку паднаа цените на сточната храна, кабаста храна си обезбедувам од сопствени извори, вели Пандурски.

Проблем за сточарите годинава се дивите свињи кои им ја уништуваат сеидбата по полињата од која обезбедува храна за стоката. 

Сточарската вечер која се организира трета година по ред во село Смојмирово заврши со заедничка веселба на присутните и доделување награди и признанија за најдобрите сточари. вс/вј/

Фото: МИА

Остани поврзан