• недела, 22 декември 2024

„Стоп на политичкиот терор и прогон“ презентираше материјали со кои бара целосна ревизија на случајот „27 април“

„Стоп на политичкиот терор и прогон“ презентираше материјали со кои бара целосна ревизија на случајот „27 април“

Скопје, 22 октомври 2024 (МИА) – Одборот на проектот „Стоп на политичкиот терор и прогон“ чија главна цел е слобода за осудените за „27 април“, денеска презентираше фотографии и видео материјали од гласањето во законодавниот дом на 27 април и бараат целосна ревизија, како и повторување на постапката.

Како што информираше организаторот на иницијативата, Тодор Кулаков, материјалите ќе ги предадат на судски вештаци кои ќе го утврдат точниот број на присутни пратеници во Собранието и според вештачењето, како што вели, се доведува до прашање легитимноста на изборот на претседател.

– Ќе ги дадеме сите фотографии и видеа од гласањето во Собранието на судски вештаци и тие да ги пребројат гласовите односно кренатите раце при гласањето за избор на претседател и кога ќе избројат 58 гласови, односно недоволен број на гласови за мнозинство, тогаш ќе заклучиме дека сите што влегоа во Собранието тој ден се најголеми патриоти, а не терористи. Се разбира дека никој не оправдува физички напади, но клучот е во тоа дека браќата од 27 април не се терористи, ниту било што наведува дека се работи за договорени терористички напади и други насилни дела и организирани активности. Тие самите меѓусебе не се ни познаваат и намерно се создаваше слика дека се работи за којзнае каков терористички план, рече Кулаков.

Појасни дека проектот се состои од неколку фази кои планираат да ги реализираат со цел ослободување на осудениците од „27 април“ и обесштетување на нив и нивните семејства, како и преименување на две улици во градот во чест на, како што рече, „уставобранителите“. Според Кулаков, во случајот „27 април“ има многу контроверзи и голем број на вести, видео материјали и фотографии од гласањето за претседател на Собранието на 27 април се избришани.

– Направивме алманах за детално да објасниме како се одвива проектот и на кој начин стигнуваме до донесување слобода за сите тие луѓе. Ова е случај кој го следат полно контроверзии. Седум години многу работи се испуштени, многу работи не се направени, односно, апсолутно никаква иницијатива не е пројавена до пола година наназад, а после тоа на чуден начин почнаа разно разни иницијативи. Јас ќе речам дури и без концепт. Но, ова е проект кој една година е подготвуван и стоиме позади тоа дека е единствен којшто ќе донесе слобода за браќата од 27 април, рече Кулаков. ра/аа/

Фото: МИА

 

Остани поврзан