• четврток, 26 март 2026

Стопанската комора и Економскиот институт потпишаа Договор за научна, техничка и апликативна соработка

Стопанската комора и Економскиот институт потпишаа Договор за научна, техничка и апликативна соработка

Скопје, 3 октомври 2025 (МИА) - Стопанската комора на Северна Македонија и Економскиот институт при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ - Скопје потпишаа Договор за научна, техничка и апликативна соработка. Целта е постигнување подобра поврзаност помеѓу академијата и бизнис-секторот.

Договорот предвидува активности насочени кон планирање, утврдување и развој на работна сила со високо образование во согласност со потребите на бизнисот, организирање обуки, семинари и гостински предавања од страна на бизнис-секторот, консултантски и експертски услуги, заеднички истражувања и економски анализи, како и иницијативи за усогласување со европските политики.

Со Договорот се отвора можност и студентите на постдипломски студии да се вклучат во решавање предизвици на компаниите преку истражувачки и магистерски трудови.

Претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија Бранко Азески на потпишувањето на Договорот со директорката на Економскиот институт Искра Станчева-Гигов истакна дека кадровскиот потенцијал  на Институтот е добар и очекува долгорочна партнерска соработка.

-Денес успешноста се базира на знаење и тука од клучна важност е соработката  помеѓу науката и бизнисот. Важно е да си во чекор со времето. И важно е да се носат одлуки кои се базирани на експертиза заснована на истражувања. Тука ја гледам улогата на науката и на образовните институции, истакна претседателот на Стопанската комора Азески.

Станчева-Гигов додаде дека денешното потпишување на Договорот за соработка претставува значаен чекор кон зајакнување на врските помеѓу академијата и бизнис секторот во земјата.

-Нашата заедничка цел е да го премостиме јазот преку испорака на кадар усогласен со потребите на пазарот, како и преку заеднички истражувања кои ќе даваат брзи и одржливи решенија за актуелните економски предизвици. Овој договор ќе овозможи подобра синергија, иновации и поддршка на економскиот развој на нашата држава, потенцираше Станчева-Гигов.

Договорот за соработка предвидува и подготовка на заеднички публикации, како и заедничко работење на проекти во областа на конкурентноста, иновациите и извозот. мч/дма/

фото: Стопанска комора

Остани поврзан