• недела, 22 декември 2024

Стоилковиќ доставил извештај до МВР за упадот во системот за снимање во Министерството за односи меѓу заедниците

Стоилковиќ доставил извештај до МВР за упадот во системот за снимање во Министерството за односи меѓу заедниците

Скопје, 29 јули 2024 (МИА) – Министерот за односи меѓу заедниците, Иван Стоилковиќ, доставил извештај до Управата за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи, од далечинското следење на видео-надзорот во Министерството, кој бил поставен од страна на неговиот претходник Артан Груби.

Стоилковиќ во гостување на „Вести плус“ на Канал 5 телевизија, посочи дека по направена проверка во Министерството, не можело да се утврди кој е надлежен, ниту кој го контролира видео-надзорот.

– Како заменик претседател на Владата имам соодветни и безбедносни мерки околу мене и луѓето кои се грижат за таа работа направија проверки контра-тероризам и сакаа да утврдат кој е надлежен за видео-надзорот во Министерството и кој го контролира, но немаше ниту еден одговор на тоа прашање, затоа јас се обратив до фирмата која го сервисирала, односно монтирала видео-надзорот, рече Стоилковиќ.

Нагласи дека фирмата „Мак аларм“ извршила увид во Министерството, по што доставила извештај во кој се наведува дека е овозможен пристап за далечинско следење на уредите за снимање.

– Ја повикавме фирмата за која мојот претходник тврди дека таква фирма не постои, таа фирма се вика „Мак аларм“, да изврши увид во Министерството од надвор и од внатре и после извршениот увид таа фирма доставува извештај во кој вели дека е овозможен пристап за далечинско следење на уредите за снимање на видео-надзорот, нагласи Стоилковиќ.

Според Стоилковиќ, направен бил упад во системот за снимање откако тој бил назначен за министер.

– Јас го прашав надлежното лице од „Мак аларм“ што значи тоа. Вчера во толку и толку часот од таа и таа „IP“ адреса е извршен упад во системот. Ја замолив фирмата да ми достави соодветен извештај за тоа што го констатирале во системот и тој увид да ми го достават мене за да можам да го проследам понатаму. Лицето рече дека тоа се десетина илјади страници, му кажав „немојте толку, дајте барем стотина страници за да можам да го документирам предметот“. Дадов докази и ќе барам одговор од надлежните институции. Се распрашав во меѓувреме, велат дека „IP“ адресите ако не се посебно компјутерски заштитени или немаат некоја друга крипто заштита се лесни за наоѓање и многу лесно може да се констатира од каде бил вршен упадот во Министерството, рече Стоилковиќ.

Во врска бројот на вработени во Министерството, Стоилковиќ кажа дека има 296 вработени, но преку К-5 Програмата биле прераспределени 184 вработени, додека 12 биле примени.

Прашан дали во Министерството за односи меѓу заедниците има правична застапеност на сите заедници во државата, Стоилковиќ вели Министерството речиси да е „еднонационално“, но и покрај тоа, вели, со истите луѓе досега успеал да сработи голем број на предмети.

– Министерството скоро да е „еднонационално“, но она што е битно за јавноста е дека во изминатите денови со тие исти луѓе успеав да сработам голем број на предмети, системот мора да функционира без разлика кој го сервисира, посочи Стоилковиќ.

За иницијативата на „Вреди“ за формирање албанска академија, министерот вели станува збор за „гола политичка импровизација“, бидејќи, како што кажа, Македонската академија на науките и уметностите е основана согласно закон и мошне тешко би можело да се промени тоа законско решение.

– Невозможно е да има паралелизам. Ако некој се колне во Европската Унија и постојано на јавноста и презентира приказни за ЕУ, а ваму ни воведува паралелизам во Академијата, како што ДУИ и СДСМ претходно направија со државната администрација, запослувајќи партиски војници и правејќи милиони злоуптореби на системот на вработување, тогаш оценката на Европската комисија дека државната администрација е во катастрофална состијба треба утре да ни се одрази кога станува збор за Македонската академија на науки и уметности? Ако дојде време да ги делиме научниците по национална основа мисалм дека „многу далеку ќе стигнеме“, нагласи Стоилковиќ. ра/нд/

Фото: Принтскрин

 

Остани поврзан