• четврток, 26 март 2026

Стоилев: Има интерес за поддршка на рурален туризам, но проблем се неурбанизираните локации за можни инвестиции

Стоилев: Има интерес за поддршка на рурален туризам, но проблем се неурбанизираните локации за можни инвестиции

Скопје, 31 јули 2025 (МИА) - Голем е интересот за вложување во руралниот туризам, имаме и европска поддршка преку ИПАРД, но за да повлечеме и искористиме што повеќе средства, најпрво мора да ги решиме проблемите во делот на урбанистичкото планирање. Кај одредени општини се уште не се урбанизирани атрактивните локации за можни инвстиции, а согласно ИПАРД процедурите, добивањето одобрение за градење е главен услов за да се аплицира за овој тип инвестиција и тоа да биде прифатливо за исплата, вели директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој (АФПЗРР) Илија Стоилев.

Во интервју за МИА, Стоилев информира до каде е исплатата на субвенциите, колку се контролира нивната реализација, кои мерки се најатрактивни за земјоделците, каква ќе биде искористеноста на ИПАРД средствата. Минатата година, потенцира, е заокружена со рекордна исплата на 8 400 000 000 денари директна поддршка, а до сега, од јули 2024 до јули 2025, се исплатени преку 10 000 000 000 денари. Реализацијата на Програмата за 2024-та е преку 85 отсто.

До крајот на годината, најавува директорот, ќе бидат објавени уште два ИПАРД 3 јавни повика, а вкупните средства за кои ќе се потпишат договори од оваа Програма треба да достигнат 8 000 000 евра.

-Во одредени мерки од ИПАРД Програмата како Диверзификација на фарми и мали бизниси, еден од приоритетите е вложување во капацитети за рурален туризам. Тука има голем интерес, но како Агенција се соочуваме со големи предизвици. Се работи за проблеми во делот на урбанистичкото планирање кај одредени општини каде се уште не се урбанизирани атрактивните локации за можни инвстиции, а согласно ИПАРД процедурите, добивањето одобрение за градење е главен услов да се аплицира за овој тип инвестиција и да биде прифатливо за исплата. Искрено се надеваме дека општините заедно со Министерството за транспорт и врски ќе најдат брзо решение да го надминат овој проблем и да ја зголемиме апсорпцијана на средства за ова намена на задоволство на сите кои имаат намера да инвестираат во рурален туризам. Инаку, АФПЗРР преку Програмата за рурален развој подржува мерка со која ги покрива трошоците на општините за изработка на ДУП, но, за жал, тие средства се уште стојат неискоритени поради одредени бариери, нагласува Стоилев.

По една година откако сте назначен на функцијата директор на Агенцијата за финансиска подршка на земјоделството и руралниот развој (АФПЗРР), како ја оценувате ситуацијата во македонското земјоделство?  

По одредена стагнација на развојот на земјоделството во Македонија, полека, но сигурно, со преземање правилни чекори, го враќаме аграрот на вистинскиот пат. Сметам дека нашиот земјоделец може да одговори на барањата на домашниот потрошувач, а за тоа, секако, во секое време може да смета на подршката од Владата која преку ресорното Министерство и ефикасното делување на АФПЗРР се обидуваме да биде испорачана во вистинско време за сите сектори. Македонското земјоделство треба да биде сериозно и навремено поддржано финансиски за производството да биде континуирано, а производите следливи со квантитет и квалитет за да ги задоволат потребите од храна за домашното население. Секако е потребно да се продолжи да се работи посветено и да се постават вистинските цели.

Она што најмногу ги интересира земјоделците е, секако, исплатата на субвенциите. Како се реализира државната поддршка?

Откако ја преземав раководната функција во Агенцијата, во јули 2024 година, веднаш почнавме со исплата на заостанатите обврски кон земјоделците. По сите поднесени барања во преходните години (2021-ва, 2022-ра и 2023-та) за кои не беше извршена исплатата, во целост ја заокруживме обврската со алоцирање околу 1 000 000 000 денари. Само ќе ја потенцирам исплатата на субвенциите за млекото. Не беше извршена исплатата доспеана уште во мај 2023 година, а ние веднаш, во 2024 година, ги исплативме сите обврски доспеани од мај 2023 до декември 2024. Се доцнеше цели шеснаесет месеци, но си дадовме приоритет како АФПЗРР и за краток период по мерката за произведено и предадено млеко во преработувалки капацитети исплативме околу 17 000 000 евра.

Тука би нагласил дека воведовме нов начин на исплата на субвенции и прв пат во ист ден земјоделците ги добија финансиските средства за основната мерка 1.1 и дополнителната мерка 1.2 за користење сертифициран материјал. Исто така, во 2024 година исплативме значителен износ по поднесните барања во тековната година.

Во периодот од јули до декември 2024 година исплативме вкупно 4,3 милијарди денари по сите мерки, од кои околу 1 000 000 000 денари за наследените обврски од претходните години и значителни финансикин средства исплативме по барањата поднесени во тековната 2024 година. Календарската 2024 година ја завршивме со рекордна исплата од 8 400 000 000 денари. Исплатата по поднесените барања продолжи и во 2025 година и до сега, од јули 2024 до јули 2025, се исплатени преку 10 000 000 000 денари. Реализацијата на исплати по Програмата за 2024-та е преку 85 отсто.

Оваа година успеавме да извршиме исплата за произведен и продаден тутун во износ од 2,4 милјарди денари (40 милиони евра) во рекорден рок, веднаш по завршување на законскиот рок за откуп. Само за споредба, минатата 2023 година беа исплатени 1,4 милјарди денари, а оваа година една милјарда повеќе.

За фармерите е важна висината на средствата, но и кога парите ќе ги добијат на своите сметки. Се следи ли Календарот на исплати и аплицирања и дали е во согласност со производствената реколта?

Како што веќе напоменав, главно се трудиме да ја оствариме целта, а тоа е земјоделците да ги добијат предвидените средства во моментот кога и им се најмногу потребни.

Во пресрет на жетвата кога откупната цена на житата е најниска, ќе извршиме исплата на одгледувачите на говеда и овци со цел навреме и по најповолна цена да обезбедат храна за добитокот. Земјоделците ги добија субвенциите за говеда во износ од околу 340 милиони денари, за заклано јагне во кланица, како и за дополнителни директни плаќања за производителите на поледелски култури кои оствариле повисоки приноси во износ од околу 266 милиони денари. Сега се исплатени производителите на јаболка и подготвени се исплатите за предадени градинарски култури во преработувачки капацитети и за произведено и предадено млеко за прв квартал за 2025 година. Ефикасноста во исплатите во наредниот период очекуваме да се подобри зашто менаџирањето со самите исплати значително е подобрено и немаме заостанати исплати, затоа бараме разбирање и трпение од страна на земјоделцвите.

Колкав е буџетот што годинава треба да легне на сметките на производителите на храна?

Буџетот за Програмата за земјоделство е 7,2 милјарди денари и очекувам по ИПАРД програмата уште околу 8 000 000 евра на што агро секторот може да има очекувања за исплата до крајот на 2025 година.

Која мерка е најатрактивна, каде се забележуваат драстично зголемени резултати и колку активни огласи има во моментов?

Македонија е по територија и население мала земја, но неверојатно е како се поделени регионите и какви специфики имаат во делот на производството. Ние како АФПЗРР имаме почит кон сите производители на земјоделски производи без разлика дали се работи за производство од растително или животинско потекло.

Констатиравме дека секторот сточарство неправедно бил запоставен и се обидуваме да го консолидираме со исплатите, но потебно ни е уште некое време за да ги доведеме во чекор сите исплати.

Инаку, завршија повеќе јавни огласи по мерки од Програмата за рурален развој од кои најатрактивна е онаа за набавка на трактори и механизација, мерката за млади земјоделци и мерката за поддршка на земјоделските задруги. Објавени беа и огласи од областа за рибарството и аквакултурата.

Има ли контрола на терен во делот на исплатените субвенции?

За контролите е задолжен посебен Сектор кој го претставува темелот на АФПЗРР. Контролите се спроведуваат согласно утврдена методологија и редовно каде законска обврска е да се извршат најмалку 5 отсто од вкупниот број барања. Контролорите на АФПЗРР користат современи алатки како GPS уреди, софтвери и сателитски снимки за да се подобри ефикасноста. Важноста на ефикасните контроли значително ги намали неусогласеностите и обидите за стекнување субвенции со измама или лажно декларирање. Надградувањето на Секторот за контрола на терен ќе продолжи за да се заштити буџетот и наменски да сористат финансиските средства.

Кои се новините за земјоделците и дали има олеснување на пристапот до средствата? Го разбираат ли тие системот за поднесување барања и колку е скратена процедурата за добивање субвенции?

За подобрување на пристапот за информации до крајните корисници првпат воведовме следење на текот на барањето и преземање на решенијата за исплата по електронски пат, преку системот за поднесување барања за директни плаќања.

За мерките за растително производство по обработлива земјоделска површина прв пат оваа година се воведува Геопросторно барање за да се елиминираат разликите од декларираните површини до констататираните при извршените контроли. Оваа година е напуштен стариот начин на алфа-нумеричко поднесување.

Земјоделецот секоја земјишна парцела ја добива геопросторно - нацртана во простор (преземено од СИЗП: број на СИЗП парцела, површина во м2, тип на употреба на земјоделско земиште, поврзани КП, место викано). Барателот геопросторно ги пријавува податоците за своето производство за секоја култура: вид на култура, големина и точна просторна локација. На овој начин е намалена можноста за грешки при аплицирање, а воедно предмет на контрола на терен ќе биде точно пријавената површина.

Геопросторниот производен план претставува основа за мониторинг на парцелите, систем на следење на активностите на земјишните парцели по пат на сателитски снимки при што ќе се оневозможи исплата на субвенции за земјиште кое не се обработува.

Покрај средствата од домашниот буџет, Агенцијата е одговорна и за распределба на средства од ЕУ. Колку средства имаме на располагање, кои мерки се најатрактивни и знаат ли нашите земјоделци како да ги искористат ИПАРД средствата?

Во тек е ИПАРД 3 Програмата за која досега се објавени четири јавни повици, а до крајот на годината ќе објавиме уште два, за мерките 3 и 7. За периодот 2021 - 2027 имаме на располагање 127 милиони евра од кои 75 отсто се од ЕУ, а 25 проценти е контрибуција од домашниот Буџет. Има голем интерес за користење на средствата, но се соочуваме и со повеќе предизвици кои ни ги остави претходниот менаџмент на Агенцијата. Ги решаваме тековно, сериозно и навремено. Иако претходниот менаџмент преземал обврски пред авторитетите од ЕУ да акредитира три нови мерки од ИПАРД 3, до моето стапување на должноста директор на АФПЗРР немаше никаква активност во тој правец. Ние не чекавме, не баравме изговори и преземавме конкретни чекори. Изготвивме процедури за новата мерка - јавна рурална инфраструктура и во напредна фаза се процедурите за мерките ЛИДЕР и Агроеколошки мерки.

Би напоменал дека е значително подобрена динамиката и ефикасноста на исплатата на средствата. Сега јас лично, како директор, ги потпишувам решенијата и договорите во присуство на апликантите. Разговараме за начините како да ги подобриме условите за пристап до финасиските средста преку намалување на времетраењето на процесот од аплицирање до исплата.

АФПЗРР располага со извореден потенцијал на човечки ресурси кои се врвни професионалци со одговорен и аналитички пристап кон секој предмет. Се антиципираат и детектираат сите обиди за одредени неправилности и неусогласености.

Може ли да ни објасните зошто ИПАРД 3 е подобар од ИПАРД 2?

Ова прашање е поврзано повторно со акредитациите на мерките. Променети се дел од условите на одредени процедури, а има и новитети во делот на рангирање на апликациите и можноста за авансна исплата. ИПАРД 2 го завршивме на 31.12.2024 година со апсорпција од 85 отсто како лидери во регионот, а во ИПАРД 3 прв пат се применува рангирање на апликациите по претходно утврдено и усвоено упатство зашто добиваме голем број прифатливи апликации кои го надминуваат расположливиот буџет на мерките. Тоа од друга страна значи дека економијата расте и интересот за користење на ИПАРД 3 е значително зголемен.

Кај ИПАРД 3 прв пат е воведена можноста за авансно плаќање до 50 отсто од вредноста на инвестицијата до обезбедена банкарска гаранција од 110 проценти и интересот за користење аванс се користи со вискок процент и помага за успешна реализација на инвестицијата.

Со оглед дека распределува европски средства и работи по европски терк, Агенцијата најверојатно има и контрола од ЕУ?

Се контролира секое исплатено евро од страна на АФПЗРР. Бидејќи учествуваме на форуми во организација на ЕУ како АФПЗРР која доаѓа од земја кандидат за членство во ЕУ, имаме можност да ги слушнеме искуствата на останатите држави за начинот како тие гледаат на распределбата на финасиските средства. Главен фокус во ЕУ е контролата на исплатените средства, а не висината на исплатата, а за таа цел се користат многу современи алатки и методологии.

Во Будимпешта на конферецијата за директори на палтежни агенции беа презентирани извештаите од контролите на Европската канцеларија против измами (OLAF) каде јасно се прикажа дека компромис со измамите и измамниците нема, а од оваа година се применува и нова алатка која го следи и конфликтот на интереси како фокус на истражување.

Што се однесува на АФПЗРР контролите кои се однесуваат на европските држави се однесуваат и на нашата Платежна агенција, а перманентни се контролите од страна на ревизорско тело и Министерството за финансии.  

АФПЗРР преку разни програми подржува и проекти од областа на руралниот туризам - набавка на опрема, но и изградба на објекти. Каков е интересот за овој тип подршка од страна на граѓаните?

Како што нагласив претходно, се работи за ИПАРД Програмата која го потикнува руралниот развој па затоа во одредени мерки како бр. 7 - Диверзификација на фарми и мали бизниси, еден од приоритните сектори е вложувањето во капацитети за рурален туризам. Тука има голем интерес, но Агенцијата има големи предизвици.

Се работи за проблеми во делот на урбанистичкото планирање кај одредени општини каде се уште не се урбанизирани атрактивните локации за можни инвстиции, а согласно ИПАРД процедурите, добивањето одобрение за градење е главен услов да се аплицира за овој тип инвестиција и да биде прифатливо за исплата.

Искрено се надеваме дека општините заедно со Министерството за транспорт и врски ќе најдат брзо решение да го надминат овој проблем и да ја зголемиме апсорпцијана на средства за ова намена на задоволство на сите кои имаат намера да инвестираат во рурален туризам. Инаку, АФПЗРР преку Програмата за рурален развој подржува мерка со која ги покрива трошоците на општините за изработка на ДУП, но, за жал, тие средства се уште стојат неискоритени поради одредени бариери.

Често се спомнува мерката „млад земјоделец“. Каков е реално интересот во овој сегмент?

Агенцијата годинава објави јавен повик според кој на младите земјоделци им се доделува грант од 10 000 евра за почнување агробизнис. Доставени се до архивата на АФПЗРР вкупно 254 барања и веќе се во фаза на обработување за комплетност и соодветност. Оваа година се олеснија условите за користење средства за оваа мерка за што повеќе млади лица да ја искористат можноста да почнат да се занимаваат со земјоделство. Предност ќе се даде на индивидуални земјоделци, членови на земјоделска задруга, жена млад земјоделец, на баратели со завршено образование од областа на земјоделството или ветеринарството, како и доколку целта на инвестицијата е набавка на земјоделска механизација, набавка на опрема за постбербени активности во растително производство, набавка на опрема за преработки на земјоделски производи или набавка на опрема за сточарско производство (производство на млеко, месо, јајца и нивни преработки).

Кои се плановите и следните чекори на Агенцијата, дали уште кубурите со кадар и простории што е една од забелешките на Европската комисија во извештаите за напредокот на земјата?

АФПЗРР изминатите 12 месеци ги нарече „ЕДНА ГОДИНА ПАРТНЕРСТВО СО ЗЕМЈОДЕЛЦИТЕ“. Со својата посветеност и ефикасност стори многу за да се консолидира. Целта е да биде вистински сервис на земјоделците и на целиот агро сектор. Воведовме транспарентен начин на информирање, изработивме нов модул за преземање податоци поврзани со креираните барања за субвенции по електронски пат. Ја одблокиравме постапката заедно со МЗШВ за подобрување на просторните услови за вработените и до 31.12.2026 година се очекува да заврши адаптацијата на новата зграда. Склучивме Морандум за соработка со платежните агенции на Хрватска, Србија и Полска. Комуникацијата со ЕУ ДГ Агри е на високо ниво и очекуваме подобрени услови во иднина за користење финансики средства од ЕУ.

АФПЗРР е важна алка во системот за имплементација на земјоделаките политики на МЗШВ и на Владата и е подготвена да одговори на сите предизвици кои претстојат на патот кон полноправно членство на Македонија во ЕУ.

Задоволни земјоделци и успешна АФПЗРР е нашата визија.

Мирјана Чакарова

фото: Дарко Попов

Остани поврзан