„Стимулирајте ги вашите сетила“ - изложба на Елита Алити во Кичево
- Во Центарот за култура во Кичево вечерва беше отворена изложбата „Стимулирајте ги вашите сетила“ на младата уметница од Куманово, Елита Алити. Изложбата содржи три поголеми дела, од кои секое
Кичево, 27 јануари 2022 (МИА) - Во Центарот за култура во Кичево вечерва беше отворена изложбата „Стимулирајте ги вашите сетила“ на младата уметница од Куманово, Елита Алити. Изложбата содржи три поголеми дела, од кои секое е составено од по пет помали дела.
Изложбата, пред голем број љубители на уметноста од Кичево, ја отвори Мазлам Османи, директор на Центарот за култура во Кичево, кој ја истакна автентичноста на оваа изложба, единствена од ваков вид отворена во овој град.
Авторката Алити истакна дека со оваа изложба сака да порача и да ја промовира заложбата за правата и потребите на слепите лица и за нивна инклузија во општеството, но и за подигнување на свеста за лицата со посебни потреби и нивната улога во нашето општество. Таа рече дека за овој вид на слики и биле потребни девет месеци за да ги реализира.
- Размислувајќи за слепите лица и фактот дека оваа група на луѓе не може да дојде да посетува изложби, дојдов до идеа да создавам дела кои ќе можат да бидат перцепирани од сите луѓе вклучувајќи ги и слепите лица. Со оваа изложба сакам да порачам и да ја промовирам заложбата за нивните права и потреби и за нивна инклузија во општеството, но и да ја подигнам свеста за лицата со посебни потреби и нивна улога во нашето општество, за да не се чувствуваат дискриминирани од околината во која живеат и опстојуваат, рече Алити.
Таа потенцира дека можеби нема да може многу да промени во перцепцијата на оваа група на луѓе, но, како што рече, сепак ќе се обиде да даде една мала визија за луѓето кои постојат а кои сепак се на маргините на општеството и ја истакна формата во која се изложени делата од вечерашната изложба.
- Дела што треба да се слушаат, допираат и мирисаат, така што гледачот ќе ги разбуди своите сетила повеќе од кога било порано. Овој опус беше претставен во Куманово како самостојна изложба а беше дел и од колективни изложби во Скопје, Скадар и Куманово, рече Алити.
Најави дека кога ќе заврши со изложбите на овој опус, не е исклучено дел од нив да ги подари на слепи лица.за/фф/