• недела, 22 декември 2024

Стеќак - мистичен извор за средновековниот живот во Херцеговина

Стеќак - мистичен извор за средновековниот живот во Херцеговина

Посушје/Љубушки, 30 јуни 2024 (МИА) - Природните феномени и историските локалитети во западниот дел на Херцеговина, областа околу Љубушки, Посушје, Мостар и природниот резерват Блидиње отсекогаш претставувале енигма за жителите на регионот. Една од тие енигми се и древните камени споменици што означуваат гробни места или камените стели со укрсни или гравирани симболи познати како стеќак.

Овие мистични надгробни споменици ги има низ цела Босна и Херцеговина, а ние посетивме два локалитета во Херцеговина. Првиот локалитет е во местото Посушје, каде се наоѓаат највисоките вакви споменици, а вториот во Дуго Поле во природниот парк Блидиње, каде на едно место се наоѓаат 150 стеќци.

Само во областа на Посушје има четириесетина локации со околу илјада стеќци. Овие во самото место Посушје се едни од најмонументалните во цела Босна и Херцеговина, што се гледа од нивната висина и ги има вкупно шест.

Луција Пекас од Општина Посушје појаснува дека стеќак е надгробен споменик, а под него се наоѓаат камени плочи од кои се направени саркофази, кои на себе имаат положен таканаречен „сљеменик“ или камен гребен.

- Се претпоставува дека под овие стеќци е закопано благородничко семејство. При истражување на коските пронајдени се четири скелети - на двајца возрасни мажи и две момчиња. Пронајдениот прстен ги сместува овие стеќци во средновековието, односно на крајот од 14-тиот и почетокот на 15 век, раскажува Пекас.

Посочува дека еден од скелетите бил многу висок и се претпоставува дека бил коњаник. 

- Имаше здрави заби и се претпоставува дека е коњаник бидејќи карлицата покажуваше знаци на многу јавање. По прегледот на забите, се докажа дека се работи за локален жител од овој крај, веројатно од некакво благородно семејство. Се верува дека овде имало уште еден стеќак кој бил отстранет или едноставно времето си го направило своето, вели Пекас.

Старите луѓе велат дека имало обиди тие да се преселат на друго место, додаде таа, но, кога и да се обиделе тоа да го направат, имало многу големо невреме. 

По Посушје, се упативме кон природниот парк Блидиње, кој го опфаќа средишниот дел на планинскиот масив на Динаридите, каде покрај многуте природни знаменитости, е Дуго поле, познато по својата некропола која поради разновидноста на облиците и богатството на украси доби статус на Национален споменик на Босна и Херцеговина.

Некрополата на стеќци Дуго Поле е една од шесте некрополи во Паркот на природата Блидиње и е најголемата некропола, бидејќи овде има околу 150 стеќци и гробници.

Во 2016 година оваа некропола беше ставена под заштита на УНЕСКО, посочува Томислав Зеленика, дипломиран исторчар од Блидиње, еден од 20-те преостанати лица кои се уште живеат во областа Блидиње.

- Знаеме дека овие надгробни споменици биле подигнати меѓу 12 и 14 век, односно до доаѓањето на османлиската власт и падот на Херцеговина во 1482 година.

Интересни се затоа што, на пример, ова е единствената од илјадниците некрополи на просторот на поранешната држава која има и сакрален објект, класична капела каде што свештеникот е свртен со грбот кон луѓето, а со лицето кон олтарот. Таа капела денес е во урнатини, посочува Зеленика.

Што се однесува до стеќците овде, според Зеленика, ги делат на „семењаци“, на плочи и на сандаци.

- Овде ги имаме застапено сите три вида стеќци. Најбогатите се украсени со прикази на лов и танцување, од кои можеме да видиме дека ловците биле најбогатата социјална каста на овие простори и во тоа време. На многу стечаци овде наоѓаме приказ на човек на коњ со копје како брка елен во друштво на куче или, подолу, имаме приказ на празнувањето на тој улов, односно на семејството на тој човек што е погребан долу, а кој во животот бил ловец. На неколку стеќци имаме и претстава на меч, од што дознаваме дека под него лежи некој што во негово време бил војник. На 33 стеќци од овие 150 застапен е и симболот на крстот, така што можеме да кажеме дека се работи за христијански надгробни споменици, раскажува Зеленика.

Бројните локалитети со стеќци кои се драгоцен извор на информации за животот, вероисповеста, уметноста и културата на средновековните зедници во Босна и Херцеговина се неизоставна приказна и една од најзначајните обележја на Западна Херцеговина. А да се биде тука, а да не се посети некоја од бројните локалитет со стеќци, е исто и како да не сте биле во Херцеговина.

Оливер Бранковиќ

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан