• четврток, 26 март 2026

Стејт департментот одобри продажба на воени хеликоптери на ОАЕ

Стејт департментот одобри продажба на воени хеликоптери на ОАЕ

Вашингтон, 13 мај 2025 (МИА) – Стејт департментот одобри продажба на шест хеликоптери Чинук (Chinook) и друга воена опрема на Обединети Арапски Емирати за повеќе од 1,4 милијарди долари. Покрај воените транспортни хеликоптери Чинук од американскиот производител Боинг, одобрен е и договор вреден 130 милиони долари за одржување на борбени авиони Ф-16.

Одлуката за продажбата е донесена пред посетата на американскиот претседател Доналд Трамп на Саудиска Арабија, Катар и ОАЕ.

Продажбата на хеликоптерите ќе придонесе за националната безбедност и надворешната политика на САД, со што ќе ја поддржиме безбедноста на важен регионален партнер. ОАЕ се важен партнер на САД за политичката стабилност и економскиот развој на Блискиот Исток, соопшти Агенцијата за соработка во одбраната и безбедноста на Министерството за одбрана на САД.

Договорот со ОАЕ треба да биде одобрен од американскиот Конгрес во рок од 30 дена.

Трамп денеска ќе учествува на Саудиско-американски инвестициски форум во Ријад.

Во поканите за настанот се наведува дека Форумот ќе „обезбеди единствена можност за продлабочување на врските, отклучување на нови инвестициски можности и потврдување на долгогодишната економска соработка“. Предвидено е да бидат потпишани договори во сектори како што се вештачката интелигенција, здравствената заштита и други, со вкупен износ од најмалку 600 милијарди долари.

Трамп утре во Ријад ќе учествува на Самитот на земјите од Персиски Залив, а потоа ќе отпатува за главниот град на Катар, Доха. Првото официјално патување од вториот мандат на Трамп ќе заврши на 15 мај во Абу Даби. ми/

фото: Википедија

Остани поврзан