• четврток, 18 април 2024

Старовиќ: Србија набавува „многу сериозна количина“ самоубиствени дронови од ОАЕ

Старовиќ: Србија набавува „многу сериозна количина“ самоубиствени дронови од ОАЕ

Белград, 22 февруари 2023 (МИА) - Државниот секретар на Министерството за одбрана на Србија, Немања Старовиќ, изјави дека „многу сериозна количина на самоубиствени беспилотни летала“ набавува државата од Обединетите Арапски Емирати, каде што меѓународниот саем за оружје штотуку заврши, пренесе Бета.

„Ние не се закануваме никому, но сакаме да имаме ефикасна заштита на нашата земја. Наш главен интерес се мирот и стабилноста во регионот“, изјави Старовиќ за РТС. 

Тој посочи дека е започнат нов циклус во опремувањето на српската армија, која во наредната година и половина ќе добие 200 парчиња оружје, како што се оклопни возила, модернизирани тенкови, повеќецевни ракетни фрлачи, а сето тоа е веќе нарачано во домашни фабрики на наменската индустрија. 

Српскиот претседател Александар Вучиќ вчера соопшти дека Србија во рок од 48 часа ќе го потпише првиот договор со Обединетите Арапски Емирати за набавка на т.н. самоубиствени дронови од таа земја. 

Вучиќ додаде дека „се надева“ дека за пет до шест месеци првите српски самоубиствени беспилотни летала ќе пристигнат во српските вооружени сили. 

- Во рок од 48 часа ќе го потпишеме првиот договор со ОАЕ за купување на нивните самоубиствени беспилотни летала и тие многу брзо ќе бидат на територијата на Србија, рече Вучиќ на IDEX, саем за оружје и воена опрема што се одржува во Абу Даби. паг/

Остани поврзан