• понеделник, 23 декември 2024

„Стави појас!“ - засилени контроли на сообраќајната полиција

„Стави појас!“ - засилени контроли на сообраќајната полиција
Скопје, 10 април 2021 (МИА) - Возачите и патниците при секое влегување во возилото задолжително да стават појас, апелираат Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патишта (РСБСП) и Министерството за внатрешни работи (МВР). РСБСП и МВР интензивно ја спроведуваат едукативно-превентивната кампања „Стави појас!“ чија цел е подигање на свеста за поголема употреба на сигурносните појаси од страна на возачите и патниците. Во рамки на кампањата секојдневно се реализираат сообраќајно-превентивни активности на територијата на цела држава. Како што соопшти РСБСП, во тек се и засилени контроли на сообраќајната полиција за користењето на сигурносните појаси. -Целта на РСБСП и на МВР не е санкционирање на возачите и патниците, туку подигање на свеста за редовна употреба на сигурносни појаси заради заштита на нивниот живот. Согласно тоа, апелираме до возачите и патниците, при секое влегување во возилото задолжително да стават појас. Користењето на сигурносните појаси е законска обврска, како за возачите, така и за патниците на предните и задните седиштa, односно согласно ЗБСП секаде кадешто во возилото фабрички се вградени појаси возачите односно патниците се должни да ги користат. Обврската за користење на сигурносен појас е задолжителна, без разлика на тоа дали возилото се движи во населено или надвор од населено место, наведува РСБСП. Возачите и патниците, потсетува РСБСП, треба да знаат дека користењето на сигурносниот појас е наменето, пред сѐ, за нивна лична безбедност и аштита. -За некористење сигурносен појас, законот предвидува парична санкција за возачите од 40 евра во денарска противвредност и парична санкција за патниците од 50 евра во денарска противвредност, притоа паричната санкција се однесува исклучиво за лицето кое не користи појас, без разлика дали станува збор за возач или патник. Сепак, возачите и патниците треба да бидат свесни дека најголема казна за некористење на појас се последиците од сообраќајните незгоди. РСБСП потсетува дека целиот систем на пасивна безбедност кај новите возила зависи од тоа дали е ставен појасот, односно кај голем дел од современите моторни возила вклучувањето на воздушните перничиња директно зависи од тоа дали е ставен сигурносниот појас. Затоа, користете сигурносен појас и патувајте безбедно, апелираат РСБСП и МВР. мч/мд/ 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан