• петок, 05 декември 2025

Српската министерка за енергетика разговараше со претставници на нафтени компании, споменат Кризниот план

Српската министерка за енергетика разговараше со претставници на нафтени компании, споменат Кризниот план

Белград, 4 декември 2025 (МИА) - Српската министерка за рударство и енергетика Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ одржа средба со претставници на нафтените компании МОЛ Србија, ОМВ Србија, ЕКО Србија и Кнез Петрол изјави дека државата продолжува да ги презема сите мерки за да осигура безбедно снабдување на домашниот пазар и дека ситуацијата се следи секојдневно, соопшти денеска Министерството.

Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ особено го нагласи финализирањето на Акцискиот план за ублажување и отстранување на последиците од прекините во снабдувањето со нафта и нафтени деривати, кој ќе ги предвиди чекорите и процедурите за пласирање на задолжителни резерви на нафтени деривати на пазарот.

Механизмот на задолжителни резерви служи токму за надминување на привремените прекини во снабдувањето, со компензација на недостасувачките количини гориво на пазарот од резервите, рече министерката.

На состанокот присуствуваа претставници на нафтените компании МОЛ Србија, ОМВ Србија ЕКО Србија, Кнез Петрол кои, заедно со НИС, се најголемите добавувачи на нафтени деривати.

„Во Србија речиси два месеци не пристигнала ниту капка сурова нафта, а граѓаните и економијата тоа не го почувствувале. Правиме и ќе сториме се за да остане така, се додека не се реши ситуацијата со НИС и рафинеријата во Панчево повторно почне со производство. Состојбата се следи секојдневно и се менува од час во час“.

Србија се уште е без решение за Нафтената индустрија на Србија (НИС). Политичкиот врв на државата најави дека процесот ќе биде завршен до 15 јануари.

Иако, според проценки на економисти, Србија финансиски може да издржи потенцијални шокови, увозот на деривати и сосема веројатно новите начини за снабдување со гас би можеле да донесат нов товар врз буџетот, како и врз џебот на граѓаните.

Особено загрижувачки се секундарните санкции и одлуката Народната банка на Србија да продолжи да работи со санкционираната компанија.

„Денес сме во една од најчувствителните ситуации кога станува збор за енергетската и финансиската стабилност на Србија. Слободно можам да кажам дека во последната деценија НИС не е само компанија. Таа е 'рбетот на целиот наш енергетски систем. Рафинеријата во Панчево е единствената што произведува дизел и бензин што се користат во сообраќајот, индустријата и транспортот. Постои алтернатива, а тоа е увоз на готови деривати. Поскапо е и логистички покомплицирано. И зависи од добрата волја на партнерите“, изјави за Форбс Србија, Никола Аврамовиќ директор за финансиски консалтинг во Алварез и Марсал.

Според него, Унгарија објави дека е подготвена да помогне во испораките, но тоа се мерки што можат привремено да ја ублажат ситуацијата, а не да го решат проблемот.

„За секој литар што не го произведуваме тука, плаќаме повеќе во странство. Ова значи дека Србија ќе има повисоки трошоци за снабдување и потенцијален притисок врз девизните резерви. Енергетската криза може да влијае на платниот биланс, динарот и инфлацијата. Ефектите не се мали и не се краткорочни“, смета Аврамовиќ.

Според информациите од Народната банка, американските санкции можат да влијаат не само на НИС, туку и на банките што соработуваат со НИС. Тоа значи ризик одредени српски банки да бидат целосно исклучени од меѓународните канали за плаќање, особено во долари, и дека ќе го изгубат пристапот до странскиот финансиски систем.

„Банките не можат и не смеат да ризикуваат блокирање на меѓународните плаќања. Тоа би бил економски удар посилен од енергетската криза. И тоа веќе не е технички проблем на една компанија. Тоа е сериозен ризик за финансиската стабилност на целата земја. И тоа е ниво на ризик што ниедна економија не може да го игнорира“, нагласува Аврамовиќ.

Србија не доби позитивна одлука од САД за продолжување на работата на Рафинеријата во Панчево, а НИС објави дека започнала со прекин на производствените капацитети поради недостаток на сирова нафта како директен резултат на санкциите што ги воведе Министерството за финансии на САД врз компанијата.

Претседателот на Србија изјави дека во оваа фаза рафинеријата губи 370.000 евра дневно.

Небојша Атанацковиќ, поранешен мнозински сопственик на Нафта АД, за Биснис/рс вели дека Србија, како и другите земји, има можност да увезува деривати преку Дунав, првенствено од МОЛ. Сепак, тој истакнува дека ќе биде тешко да се компензираат потребите бидејќи рафинеријата во Панчево преработуваше просечно 10.000 тони дневно.

„Досега го управувавме пазарот со 20-25 проценти од увоз, а не од НИС, а сега треба да го зголемиме на 100 проценти - нема да можеме да го направиме тоа за толку краток временски период. Секако, не треба целосно да ги потрошиме резервите“.

„Сега имаме нов рок што го дадовме овојпат, а тоа е 15 јануари, до кога Русите треба некако да најдат купувач или да ни остават нам да најдеме решение. Во меѓувреме, санкциите ќе траат. Пренесувањето на сопственоста на некој друг е доста комплицирано, видовме што се случи со Лукоил. За американската страна да ги укине санкциите, купувачот мора да биде задоволен бидејќи тие не сакаат тој (купувачот) да биде дел од бизнисот на Руската Федерација, па затоа е двоен проблем“, нагласува соговорникот на Бизнис/рс.
.
Во одговорот испратен од Министерството до Форбс Србија на 1 декември, се наведува дека според последниот попис, Србија има резерви на ниво од 44 дена просечен дневен нето увоз. Тие исто така одговараат дека до 1 декември немало одлука за пуштање на нафта, нафтени деривати и природен гас од задолжителните резерви на пазарот.

Според меѓународно прифатените обврски, задолжителните резерви на нафта и нафтени деривати треба да достигнат ниво од 90 дена просечен дневен нето увоз или 61 ден просечна дневна потрошувачка, во зависност од тоа која количина е поголема.

Задолжителните резерви се користат врз основа на одлуката на Владата и активирањето на акциски план.

„Стабилноста има цена, а нестабилноста има уште поголема цена, додава соговорникот на списанието „Форбс“.

Санкциите на САД врз НИС стапија на сила на 9 октомври, во обид на американската администрација да ја спречи Русија да ги користи приходите од енергија за војната во Украина. Овие санкции претходно беа одложувани осум пати.

Во 2008 година, Државата Србија продаде 51 процент од акциите на компанијата НИС на руската државна компанија Гаспром Нефт за цена од 400 милиони евра, без тендер.

Сопственичката структура на НИС е променета неколкупати, но мнозински е се уште во рацете на руски компании, додека Србија има 29,87 проценти од акциите, а остатокот од акциите е во рацете на малцинските акционери. зш/сд/

фото: МРЕ/Србија/Сајт

Остани поврзан