• недела, 17 ноември 2024

Српската влада ги усвои мерките што ги најави претседателот Вучиќ по масовните убиства во Младеновац

Српската влада ги усвои мерките што ги најави претседателот Вучиќ по масовните убиства во Младеновац

Белград, 5 мај 2023 (МИА) - Српската влада ги усвои мерките што денеска ги најави претседателот на Србија, Александар Вучиќ, а кои беа предложени по злосторството во Младеновац, кои МИА во целост ги пренесува, јави дописникот од Белград.

Во соопштението до јавноста од срспката Влада се наведува дека Министерството за внатрешни работи итно ќе подготви измени на Законот за оружје и муниција со кои би се заостриле условите за чување и носење кратко огнено оружје, а за оние кои нема да ги исполнат построгите услови ќе се обезбеди задолжителен откуп на оружје. Оваа мерка се носи со цел да се намали бројот на кратко огнено оружје што го поседуваат правни и физички лица за деведесет отсто.

Измените на Законот за оружје и муниција ќе предвидат задолжителни проверки на лицата на кои им е дозволено да поседуваат оружје (вклучително и ловечко оружје), што би опфатило медицински, психијатриски и психолошки прегледи, како и задолжителен тест за психоактивни супстанци. Овие проверки ќе се вршат на секои шест месеци и годишно.

МВР ќе ја разгледа и потребата од заострување на условите за поседување ловечко оружје.

Министерството за внатрешни работи, покрај мерката мораториум за издавање дозволи за поседување и носење кратко огнено оружје, донесена на 4 мај 2023 година, ќе ги преземе сите мерки од својата надлежност за обезбедување мораториум за издавање дозволи за поседување и носење ловечко оружје на две години.

Министерството за внатрешни работи ќе упати јавна покана до лицата кои нелегално поседуваат оружје и експлозивни направи да го предадат во рок од еден месец без последици.

Министерството за правда во рамките на постоечката Работна група за измена на Кривичниот законик ќе подготви измени на законот со кои би се заостриле казните за кривичното дело „недозволено изработување, држење, носење и тргување со оружје и распрскувачки материи“ од член 348. Подготвените измени ќе се однесуваат на заострување на казните за следните кривични дела.

• секој што неовластено прави, менува, продава, набавува, разменува или чува огнено оружје за кое може да се добие дозвола ќе се казни со затвор од 1 до 8 години.

• секој што неовластено прави, менува, продава, набавува, разменува или чува огнено оружје за кое неовластено не може да се добие дозвола, ќе се казни со затвор од 2 до 12 години.

• секој што неовластено прави, преработува, продава, набавува, разменува или чува големи количества оружје или оружје со голема разорна моќ ќе се казни со затвор од 5 до 15 години.

• тој што неовластено носи оружје за чие стекнување и држење нема дозвола од надлежен орган, ќе се казни со затвор од 5 до 15 години.

• тој што неовластено носи оружје за чие стекнување и држење има дозвола од надлежен орган, ќе се казни со затвор од 1 до 8 години.

Во согласност со заострувањето на казните за кривичното дело од член 348 од Кривичниот законик, казните за други слични кривични дела, како што е член 347 од

Кривичниот законик „изработка и набавка на оружје и средства наменети за извршување на кривично дело“ , соодветно ќе се зголеми.

Во рок од еден месец Министерството за образование ќе подготви измени на прописите со кои ќе се заострат санкциите за учениците кои ќе ја прекршат пропишаната забрана за внесување алкохол, дрога, психоактивни супстанци, оружје, пиротехнички предмети или други алатки кои можат да повредат или загрозат друго лице. Ќе се заострат санкциите со што ќе се скратат роковите, ќе биде поефикасна дисциплинската постапка и ќе се предвиди задолжително исклучување на учениците од наставата.

Денеска, како и сабота 6 мај и недела 7 мај се прогласени за денови на жалост поради трагичниот настан во Младеновац, се наведува во соопштението на срспката влада. об/

Остани поврзан