Средношколци креираа иновативни решенија за намалување на загадувањето на воздухот
- Средношколците се способни и подготвени да бидат носители на промени во општеството преку своите иновативни решенија за различни општествени проблеми и предизвици.
Струга, 4 ноември 2022 (МИА) - Средношколците се способни и подготвени да бидат носители на промени во општеството преку своите иновативни решенија за различни општествени проблеми и предизвици.
Тоа беше заклучокот од Bootcamp-от на UPSHIFT програмата што ја реализира здружението „Лидери за едукација, активизам и развој“ во рамките на проектот „Охрабрување на децата и младите во Северна Македонија да станат двигатели на промените за намалување на ранливоста на заедниците од климатските промени“ спроведуван од УНИЦЕФ со финансиска поддршка од Шведска и Фондот за иновации и технолошки развој.
На кампот што се одржуваше во Струга учествувале средношколци од Скопје, Гостивар, Делчево и Македонска Каменица. Како што соопшти организаторот, тие од 2 до 4 ноември креирале иновативни решенија за намалување на загадувањето на воздухот.
- Средношколски тимови од Скопје, Гостивар, Делчево и Македонска Каменица составени од по пет ученици со поддршка на ментор ги развиваа своите решенија за проблемите поврзани со загадување на воздухот. Прекумерно користење фосилни горива, непостоење на филтри за прочистување, несовесно третирање отпад, се само дел од предизвиците за кои средношколците понудија свои решенија, стои во информацијата од „Лидери за едукација, активизам и развој“.
Најдобрите пет тима добиле по 120.000 денари и тримесечно менторство за развој на социјалните иницијативи во своите заедници.
Според соопштението, тимот на скопското средно училиште „Орце Николов“ треба да работи на создавање компанија која саѓите на веќе постоечките оџаци и филтри ќе ги употреба за производство и продажба на мастило, чиј профит потоа ќе го инвестира во поставување нови филтри.
Гимназијалците од „Раде Јовчевски-Корчагин“ треба да работат на создавање иновативен систем за филтрација на воздух, наречен Хексам филтер кој ќе се поставува на прозорци, транспортни средства, фабрики и на отворено.
СОУ „Миле Јаневски-Џингар“ – Македонска Каменица ќе креира ученичка компанија која ќе увезува и одгледува сребрена бреза, дрво кое е способно да апсорбира повеќе од 3100 килограми јаглероден диоксид.
СОУ „Методи Митевски-Брицо“ од Делчево ќе постават електростатски филтри на оџаците од своето училиште, основното училиште, детската градинка и центарот за лица со посебни потреби. Поставените филтри ќе прочистуваат 99 проценти од штетните честички.
СОУ „Гостивар“ – Гостивар, пак, ќе конструираат биоразградувач „ТТД“ што ќе користи биоразградлив отпад кој ќе го трансформира во биогас кој ќе произведува електрична енергија за домашна употреба. Со тоа ќе се спречи загадување на воздухот со метан. сс/хс/