• среда, 22 април 2026

Средношколците од Крива Паланка дел од едукативната работилница "Имам став" во Собранието на Република Македонија

Средношколците од Крива Паланка дел од едукативната работилница

Крива Паланка, 1 април 2026 (МИА) - Група средношколци од средното општинско училиште „Ѓорче Петров" од Крива Паланка денеска имаа несекојдневна можност да присуствуваат во македонското Собрание на едукативната симулација „Имам став“ во организација на Парламентарниот институт.

На средбата беа ученици кои првпат учествуваат во ваква симулација во улога на пратеници, во придружба на одговорите професори.

-„Имам став“ е едукативна работилница и симулација на демократски процес на која нашите ученици денес беа во улога на пратеници. Учениците дебатираа за важни теми што ги засегаат младите: употреба на вештачка интелигенција, ментално здравје и иселување на младите. Учениците покажаа одлични познавања, аргументирана дебата, развиени комуникациски вештини и заемна почит. Преку „Имам став“, младите добиваат можност активно да се вклучат, да размислуваат критички и да го развиваат својот глас во демократските процеси, информираат од СОУ „Ѓорче Петров", Крива Паланка.

Работата на учениците ја следеше комисија во состав од пратеници во собранието: Емил Спасовски и Драгана Арсова, кои, како што информираат од кривопаланечкото училиште, им дале конструктивни критики и пофалби на учениците, мотивирајќи ги да бидат погласни во искажувањето на ставовите и секогаш да да се борат да се слушне гласот на младиот човек. 

-Честитки за сите три тима кои денеска покажаа исклучителна зрелост и елоквентност да дебатираат на вакви тешки теми. Ние сме горди на нашите ученици, додаваат од гимназијата.ид/

Фото: СОУ „Ѓорче Петров"

Остани поврзан