• понеделник, 23 декември 2024

Средба Црвенковска - Мејер: Независноста и транспарентноста приоритетни за судскиот систем

Средба Црвенковска - Мејер: Независноста и транспарентноста приоритетни за судскиот систем
Скопје, 16 ноември 2021 (МИА) – Претседателката на Судскиот совет, Павлина Црвенковска одржа средба со заменик шефот на мисијата на Амбасадата на САД во Скопје, Ерик Мејер. Како важни и приоритетни елементи во функционирање на судскиот систем беа нагласени независноста и транспарентноста во судството, на кои САД посветува сериозно внимание, информира во соопштение по средбата кабинетот на Црвенковска. На средбата, посочуваат, Мејер ја потенцирал важноста на работата на Судскиот совет во правец на зајакнување на независноста на судството преку обезбедување независност и на судскиот буџет. - Во однос на транспарентноста, на состанокот беше нагласено дека се забележуваат позитивни промени, особено со оглед дека седниците на Судски совет се отворени за јавноста, дека записниците од седниците се објавуваат јавно на интернет страницата на советот, како и дека конечно седниците на Судскиот буџетски совет се отворени за јавноста, информираат од кабинетот на претседателката Црвенковска. На средбата тие дискутирале и за идно видео емитување од седниците на Судскиот совет, со цел граѓаните, но и вработените во судството да следат какви одлуки се носат, но и да се зголеми транспарентноста на советот и судството. - Заменик шефот на мисијата на САД и Црвенковска исто така разговараа и за испразнетите судиски места, односно за тоа кога може да се очекува пополнување на истите, како важен сегмент во функционалноста и навременото постапување на судовите, со што во поголем обем ќе се почитуваат човековите права и судските процедури, се вели во соопштението. На состанокот, Црвенковска и Мејер дискутирале и за Методологијата за квалитетно оценување судии и претседатели и Методологијата за утврдување сложеност на предмети, чија имплементација се очекува наскоро. ки/лв/

Остани поврзан