• понеделник, 02 февруари 2026

Средба Хоџа - Хрисчова: Создаваме можности и соработка за понатамошно зацврстување на партнерството

Средба Хоџа - Хрисчова: Создаваме можности и соработка за понатамошно зацврстување на партнерството

Скопје, 2 февруари 2026 (МИА) - Министерот за животна средина и просторно планирање Муамет Хоџа оствари работна средба со амбасадорката на Република Словачка во Република Северна Македонија, Ивета Хричова, на која беа истакнати традиционално добрите и пријателски односи меѓу двете земји, како и заедничката определба за нивно понатамошно унапредување, особено во контекст на европската интеграција на Република Северна Македонија, информираат од МЖСПП. 

Министерот Хоџа изразил благодарност за континуираната и принципиелна поддршка што Република Словачка ѝ ја дава на Република Северна Македонија на нејзиниот пат кон членство во Европската Унија нагласувајќи дека европската интеграција претставува еден од клучните столбови на билатералните односи меѓу двете држави.

Особено била поздравена улогата на Република Словачка во поттикнувањето на јавната и на институционалната дебата за европската перспектива на земјата, како и поддршката за Националната конвенција за Европската Унија, иницирана од Амбасадата на Словачка во Скопје, како значаен механизам за инклузивен дијалог и размена на искуства во процесот на пристапување кон ЕУ.

Министерот Хоџа ги презентирал приоритетите на Министерството за животна средина и просторно планирање во рамките на процесот на ЕУ-интеграција, со фокус на ефикасно користење на ИПА-средствата.

Соговорниците на средбата се согласиле дека таа претставува добра основа за идентификување конкретни можности за идна соработка и за понатамошно зацврстување на партнерството меѓу Република Северна Македонија и Република Словачка. сст/вј/

Фото МЖСПП       

Остани поврзан