• четврток, 27 јуни 2024

Средба Сиљановска Давкова - амбасадорот на Виетнам: Добра соработка на мултилатерален план и продлабочување на билатералните односи

Средба Сиљановска Давкова - амбасадорот на Виетнам:  Добра соработка на мултилатерален план и продлабочување на билатералните односи

Скопје, 27 јуни 2024 (МИА) - Претседателката Гордана Сиљановска Давкова и амбасадорот на Виетнам До Хоанг Лонг на денешната средба во вилата Водно заклучија дека меѓу двете држави постои добра соработка на мултилатерален план и истакнаа дека е потребно продлабочување на билатералните односи, известуваат од кабинетот на претседателката на државата.

Оттаму посочуваат дека на средбата се разговарало за билатералните односи меѓу двете земји кои ги поврзува долгогодишно пријателство и бил изразен поттик за натамошно унапредување и продлабочување на меѓусебната соработка во повеќе области.

- Соговорниците како една од приоритетните сфери на билатералната соработка ја посочија економијата и изразија интерес за нејзино унапредување преку преземање на конкретни економски активности и проекти, како што се формирање на Мешовита економска комисија, организирање економски семинар во Скопје од страна на амбасадата на Виетнам во насока на промоција на трговијата и инвестициите меѓу двете држави, соопштуваат од кабинетот на Сиљановска Давкова.

На средбата се разговарало и за проширување на билатералната соработка и во областите на културата, туризмот, во образованието и науката, преку размена на студенти и визитинг професори, како и за проширување на договорната рамка во сферата на образованието и науката, како и во соработката меѓу министерствата за надворешни работи на двете земји.

- Двајцата соговорници констатираа дека постои добра соработка на мултилатерален план и изразија очекување таа соработка и меѓусебна поддршка во меѓународните организации да продолжи, особено во рамките на ОН и во Меѓународната организација на Франкофонијата, информираат од кабинетот на претседателката. ир/дма/

 

Фото: Кабинет на претседателката

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан