• недела, 22 декември 2024

Средба Османи – Дендиас на маргините на Дубровник форумот

Средба Османи – Дендиас на маргините на Дубровник форумот
Скопје, 10 јули 2021 (МИА) - Договорот за стратешко партнерство, акцискиот план за  имплементација на Договорот од Преспа, процесот на евоинтеграција, изградбата на интерконекторот, како и состојбите со пандемијата, ангажманите за справување со последиците и можностите на планот на туризмот, биле тема на разговор на денешната средба на министерот за надворешни работи Бујар Османи со неговиот колега од Грција Никос Дендиас, на маргините на Дубровник форумот. На средбата, бил поздравен интензивниот политички дијалог и позитивната динамика во билатералните односи, за што, како што велат, говорат големиот број официјални и работни посети. Османи, како што информираат од МНР, на средбата нагласил дека имаме Договор за стратешко партнерство кој треба да го имплементираме во позитивен дух и со добра волја со цел да обезбедиме чиста основа за непречена комуникација и на граѓаните и на бизнисот. -Немаме дилема дека со продолжување на дијалогoт и заемната посветеност на исполнување на обврските преземени со договорот од Преспа, како и Акцискиот план за негова имплементација, се отвораат значајни дополнителни можности за унапредување на соработката која во континуитет ја надградува довербата меѓу двата соседи и претставува пример за добрососедски односи, пријателство и партнерство, изјави на средбата министерот Османи, се вели во соопштението од МНР. За средбата на двајцата шефови на дипломатиите, како што јавува дописничката на МИА од Атина, преку „Твитер“ информираа и од грчкото МНР, но и самиот Дендиас и уште еднаш ја повторија поддршката на Грција за ЕУ перспективата на Северна Македонија, но и потребата за имплементација на Договорот од Преспа. -Со МНР на С. Македонија Бујар Османи на маргините на ДФ2021. Нагласив дека доследно спроведување на Договорот од Преспа претставува предуслов за дополнително зајакнување на билатералните и односите на Северна Македонија со ЕУ. Грција ја поддржува европската перспективата на Северна Македонија по познатите услови, напиша на Твитер министерот за надворешни работи на Грција. Дендиас и Османи, се вели во соопштението од МНР, посебно го поздравиле досегашниот развој и постигнат напредок во економската област, пред се имајќи ги предвид проектите за поврзување и гасификација на земјата. Во таа смисла, двајцата го поздравиле потпишувањето на Договорот за заедничка изградба на Интерконекторот со Грција, кој ресорните министри го потпишаа на 9 јули во Атина, проект кој е значаен не само за двете држави, соседи, сојузници и партнери, туку и за целиот регион. Османи, информираат од МНР, упатил благодарност за досегашната континуирана грчка поддршка во процесот на интеграција на Северна Македонија во ЕУ, при што е добиено уверување од министерот Дендиас дека таквата нема да отсуствува и за време на словенечкото претседателство со Советот на ЕУ. аа/ср/  

Остани поврзан