• петок, 22 ноември 2024

Средба на Џафери со директорки на НДИ

Средба на Џафери со директорки на НДИ
Скопје, 27 октомври 2022 (МИА) - Претседателот на Собранието Талат Џафери, денеска имаше средба со директорките на Националниот демократски институт (НДИ), Кристен Семпл, директорка на НДИ Програма за демократско управување, Мојра Вилан, директорка на НДИ Програмата за демократија и технологија и Сандра Пепера, директорка на НДИ Програма за род, жени и демократија. Како што се наведува во соопштението од Парламентот, Џафери ја истакна успешната соработка и чекорите кои што се преземени со партнерите на Собранието преку соработката со НДИ, нагласувајќи дека ваквата соработка е долгогодишна и успешна и се темели на взаемно разбирање и увид во тековните потреби на Собранието за унапредување на процесите. Директорките, заблагодарувајќи се за средбата, секоја од своја сфера на надлежност поставија бројни прашања во однос на досегашната работа на НДИ, очекувањата и предлозите на Собранието за насоката на идната соработка. Прашањата беа во контекст на независноста на законодавната од извршната власт, вклученоста на граѓаните во демократските процеси. Ги поздравија чекорите на Собранието за отвореност и достапност на информациите кон граѓаните и се фокусираa на двонасочната комуникација со гласачите. Дел од дискусијата беше и инклузијата и родовата еднаквост во Собранието, како и начинот на работа на Парламентарниот институт и Буџетската канцеларија, се наведува во соопштението. Џафери ја истакнал отвореноста на Собранието, особено преку активирањето на новата интернет страница, новиот Е – парламент и Регистарот на невладини организации и посочил на Караванот „Собрание за граѓаните“ кој што во моментов се одвива во повеќе градови низ државата. -Аспектот на инклузивност на Собранието е нагласен преку формирањето на неколкуте Интерпартиски парламентарни групи чие делување и интерес е фокусирано на различни групи граѓани. Во однос на независноста на Собранието, претседателот ги појасни измените и дополнувањата во Законот за Собрание и информираше дека во тек е процесот на независност на собраниското обезбедување. Во однос на работата на Парламентарниот институт и Буџетската канцеларија, тој нагласи дека анализите кои што ги изготвуваат овие два Сектори се професионални, непристрасни и навремени и дека Собранието несебично го споделува своето искуство за формирањето и функционирањето на овие две тела со други заинтересирани парламенти кои се во фаза на основање на Парламентарни институти по нашиот пример, се посочува во соопштението. Националниот демократски институт за меѓународни прашања (НДИ) ја поддржува работата на Собранието на Република Северна Македонија преку програми кои се финансирани од Американскиот фонд за фундаментални права, Националната фондација за демократија, Швајцарската агенција за развој и соработка и Агенцијата на САД за меѓународен развој. ев/аа/

Остани поврзан