Средба на Советот на амбасадори со италијанскиот амбасадор Паоло Палминтери
- СООПШТЕНИЕ-Во разговорот беа реафирмирани традиционалните пријателски односи со Италија — еден од најзначајните наши партнери во Европската Унија, со кој одржуваме силни економски и трговски врски и бележиме континуиран раст на инвестициите.
Скопје, 16 јули 2025
Делегација на Советот на амбасадори, составена од актуелната претседателка амбасадор Наќева Ружин и поранешните претседатели, амбасадорите Халили и Арсовски, денеска оствари средба со Н.Е. Паоло Палминтери, амбасадор на Италија во Република Северна Македонија.
Средбата се одржа во пријателска и отворена атмосфера, со конструктивна размена на мислења за клучните надворешно-политички приоритети и стратешки интереси на двете земји. Во разговорот беа реафирмирани традиционалните пријателски односи со Италија — еден од најзначајните наши партнери во Европската Унија, со кој одржуваме силни економски и трговски врски и бележиме континуиран раст на инвестициите.
Советот на амбасадори изрази искрена благодарност за конзистентната поддршка од Италија на процесот на проширување на ЕУ, особено за нејзините дипломатски иницијативи, билатералната техничка помош, и активната улога во градењето на консензус меѓу водечките земји-членки за забрзана и кредибилна европска интеграција на земјите од Западниот Балкан.
Двете страни се согласија дека принципиелната и прагматична дипломатија претставува суштинска основа за унапредување на регионалната стабилност, продлабочување на соработката и напредок во пристапниот процес.
Во оваа насока, беше изразен взаемен интерес за интензивирање на соработката меѓу Советот на амбасадори и Амбасадата на Италија, преку реализирање заеднички иницијативи во доменот на јавната дипломатија, европскиот дијалог и експертската поддршка на реформските процеси.
Совет на амбасадори
______________________________________________________
МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки