• четврток, 26 март 2026

Средба на Сиљановска-Давкова со јапонската амбасадорка Сецуко Кавахара

Средба на Сиљановска-Давкова со јапонската амбасадорка Сецуко Кавахара

Скопје, 11 септември 2025 (МИА) - Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска ја прими амбасадорката на Јапонија Сецуко Кавахара, која ѝ ја предаде честитката од јапонскиот император Нарухито, упатена по повод 8 Септември-Денот на независноста.

Сиљановска-Давкова, како што соопшти нејзиниот кабинет, се заблагодари за срдечните желби, оценувајќи ги како израз на трајното пријателство и заемното почитување меѓу двете држави.

Амбасадорката информираше за успешното учество на земјава на Осака ЕКСПО 2025 и изрази воодушевување од културно-уметничката програма со којашто бевме претставени пред јапонската јавност на Денот на независноста.

Соговорничките се согласија дека познатите оперски уметници Ана и Игор Дурловски со камерниот оркестар „Ајга“, џез-гитаристот Владимир Василевски – Четкар, како Кирил Џајковски и неговиот бенд, автентично ја претставија македонската култура, традиција и модерна уметност.

Заеднички е оценето дека одличната посетеност на македонскиот павиљон на ЕКСПО 2025 е доказ за потенцијалот којшто го имаме, како туристичка дестинација со богато културно, историско и природно наследство.

Реафирмирајќи ја важноста на културната дипломатија, Сиљановска-Давковка изрази задоволство од вниманието што го привлекла изложбата посветена на јапонскиот архитект Кензо Танге и неговиот план за реконструкција на Скопје по земјотресот во 1963 година. Таа го поздрави и интересот и посетата на македонскиот павиљон од страна на учениците од средното училиште „Таканава“ во Токио кои го изучуваат македонскиот јазик.

Претседателката се заблагодари за севкупната поддршка и донации од Јапонија и изрази подготвеност за натамошно градење на пријателските врски и продолжување на соработката во рамки на меѓународните организации.

Осврнувајќи се на актуелните случувања на глобално ниво, соговорничките се согласија дека е потребно итно и длабоко реформирање на ОН, заради јакнење на мултилатерализмот за справување со реалните глобални предизвици, се наведува во соопштението од кабинетот на Сиљановска-Давкова.са/

Фото: кабинет на Сиљановска-Давкова

Остани поврзан