Средба на Сиљановска-Давкова со претставници на ОМД и студенти од програмата „Родум од Македонија“
- Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска имаше средба со претседавачот на Бордот на Обединетата македонска дијаспора (ОМД), Арџи Белио и претставниците на оваа организација Гордан Јорданов, Филип Јотевски, Мара Кун и Емили Абрамзик, соопшти нејзиниот кабинет.
Скопје, 9 јули 2025 (МИА) - Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска имаше средба со претседавачот на Бордот на Обединетата македонска дијаспора (ОМД), Арџи Белио и претставниците на оваа организација Гордан Јорданов, Филип Јотевски, Мара Кун и Емили Абрамзик, соопшти нејзиниот кабинет.
Сиљановска-Давкова беше информирана за активностите на ОМД коишто се реализираат во насока на зајакнување на културните, економските и образовните врски меѓу дијаспората и матичната држава. Тие ја претставија платформата за споделување на искуства, вмрежување и зголемување на можностите за нивно вработување преку македонски компании.
Претседателката истакна дека ја цени посветеноста на ОМД на зачувувањето и промовирањето на македонскиот идентитет и култура ширум светот, оценувајќи дека нивните активности даваат значаен придонес во поврзувањето на македонската дијаспора и имаат трајно значење за заштитата на македонското културно наследство.

По средбата, Сиљановска-Давкова прими студенти од програмата „Birthright Macedonia – Родум од Македонија“, којашто годинава по деветти пат ја реализира ОМД во партнерство со Македонскиот центар за меѓународна соработка – МЦМС.
Студентите информираа за нивниот престој во земјава, како и за нивното стажирање во компании преку коишто ги надградуваат академските познавања и вештини. Тие сметаат дека програмата, не само што им овозможува професионален развој, туку е одличен начин за нивно поврзување и подобро разбирање на културното и духовното богатство на татковината на нивните предци.
Претседателката им посака успешен престој во земјава, изразувајќи надеж дека со ентузијазмот за поврзување со корените, ќе ги инспирираат идните генерации од дијаспората да ја запознаат македонската држава.са/
Фото: Кабинет на Сиљановска - Давкова