• понеделник, 08 декември 2025

Средба на Руте, Кошта, Фон дер Лајен и Зеленски вечерва во Брисел

Средба на Руте, Кошта, Фон дер Лајен и Зеленски вечерва во Брисел

Брисел, 8 декември 2025 (МИА) – Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте денеска во неговата официјална резиденција во Брисел ќе има средба со украинскиот претседател Володимир Зеленски, со првиот човек на Европскиот совет, Антонио Кошта и со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, соопшти Прес-службата на Алијансата.

Средбата ја потврди и главната портпаролка на Европската комисија, Паула Пињо, која прецизираше дека таа ќе се одржи вечерва.

- Нема да навлегувам во деталите за тоа што би можело да се дискутира на овој состанок, но јасно е дека тој се одржува во светло на тековните дискусии за мир во Украина, рече Пињо.

Во однос на средбата на Фон дер Лајен со германскиот канцелар Фридрих Мерц и белгискиот премиер Барт де Вевер во петокот во Брисел, посветена на планот на ЕК за користењето на замрзнатите руски средства за исплата на „заемот за репарации“ за поддршка на Украина, Пињо одговори дека тоа било „добар состанок“.

- Тој овозможи добра размена на мислења и дискусиите во врска со заемот за репарации ќе продолжат до Европскиот совет што ќе се одржи следната недела, на којшто целта е да се донесе конечна одлука и јасно решение за поддршка за финансирање на потребите на Украина за 2026 и 2027 година, додаде Пињо. сп/јт/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан