Средба на претседателот на собраниската Комисија за европски прашања Милошоски со амбасадороката на Данска, Перниле Деилер Кардел
- Претседателот на Комисијата за европски прашања и потпретседател на Собранието, Антонијо Милошоски, денеска остварил средба со нерезидентната амбасадорката на Кралството Данска надлежна за земјава,Перниле Деилер Кардел.
Скопје, 25 февруари 2025 (МИА) - Претседателот на Комисијата за европски прашања и потпретседател на Собранието, Антонијо Милошоски, денеска остварил средба со нерезидентната амбасадорката на Кралството Данска надлежна за земјава,Перниле Деилер Кардел.
Како што соопштија од собраниската прес-служба, главна тема на средбата биле актуелните случувања на глобалната сцена и процесот на интеграција на Северна Македонија во Европската Унија, при што биле разменети мислења за предизвиците и перспективите со кои се соочува нашата земја во овој контекст.
На средбата се разговарало и за тековните состојби во однос на клучните реформи во рамки на пристапните преговори и нашата заложба и посветеност, како држава, за надминување на предизвиците, исполнување на обврските во евроинтегративниот процес и обезбедување на негов континуитет.

Милошоски изразил благодарност за важната поддршка од Кралството Данска за нашите евроинтеграции, притоа истакнувајќи дека очекува нејзино продолжување со несмалено темпо и за време на данското претседавање со Советот на Европската Унија, во втората половина на 2025 година.
Во однос на евроинтеграцискиот процес, амбасадорката Кардел подвлекла дека позицијата на Данска е дека Западен Балкан е добредојден во ЕУ, за што, како што рекла, треба да се постигнат критериумите во делот на владеењето на правото, демократијата и заштитата на човековите права.
- Соговорниците разменија искуства за процесите на евроинтеграција и за актуелните предизвици со кои се соочува Европската Унија. На средбата беа разменети и мислења за придобивките за граѓаните од членството во ЕУ, како и за потребата од постојана промоција на тие вредности, се наведува во соопштението. цр/нд/
Фото: Собрание на РСМ