Средба на младинските совети од Кочани и Крива Паланка
- Во Крива Паланка денеска се одржа работна средба помеѓу Локалниот младински совет на Крива Паланка и претставници од Локалниот младински совет на Кочани. Средбата имаше за цел да ја зајакне меѓусебната комуникација, да поттикне размена на идеи и да постави основа за идни заеднички активности.
Крива Паланка, 1 јули 2025 (МИА) - Во Крива Паланка денеска се одржа работна средба помеѓу Локалниот младински совет на Крива Паланка и претставници од Локалниот младински совет на Кочани. Средбата имаше за цел да ја зајакне меѓусебната комуникација, да поттикне размена на идеи и да постави основа за идни заеднички активности.
Претставниците од двата совета дискутираа за предизвиците и приоритетите на младите во своите општини, со акцент на развојот на младинските политики и вклучувањето на младите во локалното одлучување. Посебно внимание беше посветено и на унапредувањето на индивидуалната работа на секој совет, во рамки на сопствената локална самоуправа.
- Ваквите средби се многу значајни затоа што ни овозможуваат директно да споделиме искуства, да се слушнеме едни со други и заедно да креираме идеи кои вистински одговараат на потребите на младите. Веруваме дека само преку соработка и постојана комуникација можеме да изградиме посилна младинска структура – и локално и на пошироко ниво, изјави Никола Митовски, член на ЛМС Крива Паланка.
Средбата помина во конструктивен дух, а двете страни изразија подготвеност за понатамошна соработка, водејќи се од мотото „Од млади – за млади“. ид/дма/
Фото: Совет на млади Општина Крива Паланка