Средба на министрите за внатрешни работи на ЕУ, на дневниот ред азилот, миграцијата, цивилната заштита и контролата на границите
- Распределба на одговорноста во областа на азилот, утврдување на ставот на земјите членки по три регулативи поврзани со миграцијата, измените на Механизмот за цивилна заштита и Планот за имплементација на архитектурата за интероперабилност на контролата на надворешните граници на Унијата ќе бидат главни теми на денешното заседание на Советот за правда и внатрешни работи на ЕУ во Брисел на ниво на министри за внатрешни работи.
Брисел, 8 декември 2025 (МИА) – Распределба на одговорноста во областа на азилот, утврдување на ставот на земјите членки по три регулативи поврзани со миграцијата, измените на Механизмот за цивилна заштита и Планот за имплементација на архитектурата за интероперабилност на контролата на надворешните граници на Унијата ќе бидат главни теми на денешното заседание на Советот за правда и внатрешни работи на ЕУ во Брисел на ниво на министри за внатрешни работи.
Според најавата, министрите за внатрешни работи на земјите членки на ЕУ ќе се обидат да постигнат договор за новопредложениот механизам наречен Годишен фонд за солидарност, што треба да доведе до пофер распределба на одговорностите во областа на азилот, како дел од Пактот за миграција и азил, што ќе стапи во сила на 12 јуни 2026 година.
На темата на политиката за азил и миграција, министрите треба да ги усогласат и ставовите на Советот на ЕУ за регулативите за враќање на илегалните мигранти, за безбедна трета земја и за безбедна земја на потекло.
Министрите ќе го разгледаат и Извештајот на Советот на ЕУ за предлогот на Европската комисијата за измена на Механизмот за цивилна заштита на Унијата и за воспоставување поддршка од ЕУ за подготвеност и одговор во вонредни состојби во здравството. Механизмот за цивилна заштита на ЕУ е клучен инструмент за спречување, подготовка и одговор на катастрофи.
Се очекува Советот да го одобри Планот за имплементација на архитектурата за интероперабилност на ЕУ за 2027 и 2028 година, поврзан со изградбата на заедничка информатичко-технолошка архитектура за контрола на границите и безбедноста на Унијата по стапувањето во сила на системот за влез и излез ЕЕС, системот за овластување за патување ЕТИАС и на ажурираната база на податоци на отпечатоци од прсти.
Министрите ќе одржат дискусија и поврзана со Шенген зоната на која фокус ќе биде ставен на зајакнување на надворешните граници на ЕУ, надминување на недостатоците во граничната безбедност и плановите за справување со новите предизвици што би можеле да се појават.
На состанокот на Советот ќе се дискутира за последиците од инцидентите со дроновите врз внатрешната безбедност на Унијата. Во тој контекст, министрите ќе разговараат за соодветни мерки за спроведување на законот за справување со овие предизвици, вклучително и за можна заедничка акција на ЕУ.
Дополнително, Советот ќе расправа и за ажурирање за политиката на ЕУ за справување со дрогите, при што Европската комисија ќе презентира извештаи за Стратегијата за дроги и за Акцискиот план за борба против трговијата со дрога. сп/јт/
Фото: МИА Архива