• недела, 22 декември 2024

Средба на министерот Шабан Салиу со претставници од Република Косово

Средба на министерот Шабан Салиу со претставници од Република Косово

Скопје, 21 август 2024 (МИА) - Министерот задолжен за интеграција и имплементација на Стратегијата за инклузија на Ромите 2022-2030, Шабан Салиу остварил средба со заменикот министер за култура при Владата на Република Косово, Сулејман Ерџани и пратеникот во Собранието на Република Косово, Ерџан Гаљуши.

Како што информираат од Кабинетот на Салиу, на средбата е дискутирано главно за моменталната сосотојба на Ромите во Македонија и Косово, односно за социо-економската и културната состојба на оваа заедница, за владеењето на правото и остварувањето на личните и колективните права на Ромите и сл.

Како што се наведува во соопштението, ромската заедница се уште е најзагрозеното, најранливото малцинство како во Република Северна Македонија, така и во Република Косово. Ова малцинство, како што се посочува, покрај другото, се соочува и со институционална дискриминација и социјални предрасуди.

-Остварувањето на човековите, личните и колективните права треба да биде во целост и подеднакво овозможено и за Ромите како рамноправни граѓани на Република Северна Македонија, односно на Република Косово. Ќе се обидеме да изнајдеме механизми кои ќе овозможат непречено остварување на правата на Ромите, како правото на живеење во пристојни домови со прифатливи услови, правото на користење на здравствени услуги, образование итн. Иако е потребно да вложиме многу труд за да дојдеме до посакуваната цел, цврсто сум убеден дека ќе успееме да го промениме општото и колективното мислење кое другите заедници, но и државните институции го имаат за Ромите, нагласил министерот Салиу.

Претставниците од Република Косово се согласиле дека состојбата на Ромите во Косово не е многу поразлична од онаа на Ромите во Македонија, но со продлабочување на соработката меѓу двете земји се очекува нејзино подобрување и обезбедување на правата на оваа заедница.

-Секако, свое влијание врз истата имаат и невладините организации кои со своето дејствување придонесуваат за подобрување на положбата на Ромите, се вели во соопштението од Кабинетот на министерот Салиу. фф/аа/

Фото: Кабинет на министерот задолжен за интеграција и имплементација на Стратегијата за Ромите 2022-2030

Тагови

Остани поврзан