• четврток, 19 март 2026

Средба Муцунски со еврокомесарот Брунер: Продолжување на напорите за изнаоѓање практични и навремени решенија за професионалните возачи

Средба Муцунски со еврокомесарот Брунер: Продолжување на напорите за изнаоѓање практични и навремени решенија за професионалните возачи

Скопје, 27 февруари 2026 (МИА) - Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска оствари средба со европскиот комесар за внатрешни работи и миграции, Магнус Брунер.

На средбата, информираат од МНРиНТ, министерот Муцунски го истакна континуираниот ангажман на земјата во процесот на пристапување кон Европската Унија, особено во областа на внатрешните работи и миграцијата. Тој ги нагласи посветеноста кон унапредување на институционалните капацитети и спроведувањето на реформите во оваа област, со цел натамошно усогласување со европските правила и стандарди.

- Соговорниците разговараа за продлабочување на соработката во управувањето со миграциите, вклучително и партнерството со Фронтекс, борбата против нелегалната миграција и организираниот криминал, визната политика, како и континуираната размена на информации и искуства - соопшти МНРиНТ.

Особено внимание е посветено на имплементацијата на системот за влез/излез на Европската Унија (Entry/Exit System). Министерот Муцунски укажа на практичните импликации од неговата примена, особено во однос на професионалните возачи и транспортниот сектор, кои се соочуваат со конкретни оперативни и финансиски предизвици. Во таа насока, тој ја нагласи важноста од продолжување на напорите за изнаоѓање практични и навремени решенија преку конструктивен дијалог со Европската комисија и земјите членки, со цел зајакнување на поврзаноста и обезбедување непречено одвивање на трговските текови. вј/паг/

Фото: МНРиНТ

 

 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан