• недела, 22 декември 2024

Средба Вјоса Османи – Ескобар: САД се покрај Косово во секој предизвик

Средба Вјоса Османи – Ескобар: САД се покрај Косово во секој предизвик

Приштина, 13 март 2024 (МИА) – Косовската претседателка Вјоса Османи изјави дека соработката со сојузниците, особено со Соединетите Американски Држави, треба да биде оската на дејствијата што ги презема Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.

На прес-конференцијата по средбата со пратеникот на американскиот претседател, Џо Бајден за Западен Балкан, Габриел Ескобар, кој денеска пристигна во официјална посета на Приштина, Османи рече дека соработката со сојузниците е од витално значење за Косово.

- Само што завршивме суштински состанок со американскиот емисар, разговаравме за последните случувања како и за важните процеси низ кои поминува Косово. САД стојат покрај Косово во секој предизвик. Соработката со сојузниците, особено со САД, треба да биде оската на нашето дејствување, рече Османи, нагласувајќи дека „јакнењето на меѓународната позиција на Косово и интеграцијата во евроатлантските сојузи не може да се направи без помош на сојузниците“, со посебен акцент на САД.

Таа ги повтори повиците српската паравоена група која учествуваше во нападот во Бањска во северно Косово на 24 септември да се соочи со правдата на Косово.

– Сите кои го организираа, финансираа, го подготвуваа нападот мора да преземат одговорност. Србија треба да ги екстрадира, рече Османи.

Претседателката рече дека Косово ќе продолжи да работи со сојузниците за неговата граница „да биде безбедна и да се спречат такви напади во иднина“.

Во однос на дијалогот, Османи рече дека е клучно целосно да се спроведат договорите постигнати минатата година, бидејќи „селективниот пристап кон имплементација само на одредени членови од основниот договор нема да му помогне на процесот“.

- Заложбата на САД во оваа насока останува клучна за успешно завршување на дијалогот што ќе доведе до взаемно признавање, како што беше наведено и во писмото на претседателот Бајден, истакна Османи.

Во соработка со сојузниците, според Осман, ќе се среди и прашањето за користењето на српскиот динар на Косово.

На почетокот на своето обраќање пред новинарите, Ескобар и оддаде признание на претседателката Османи за нејзината улога во развојот на односите меѓу двете земји.

- Ви благодариме госпоѓо претседателке за топлото гостопримство во Косово. Вие сте главниот лик и наследството на билатералните односи меѓу САД и Косово, и сакам да кажам дека ова наследство се заснова на трајна посветеност на безбедноста, територијалниот интегритет и независноста на Косово, рече Ескобар.

Американскиот емисар за Западен Балкан рече дека имал отворен и искрен разговор со косовската претседателка и за нападот во Бањска на 24 септември, при што загина припадник на косовската полиција и тројца припадници на српската напаѓачка група.

- Загрижени сме за настаните од 24 септември. Очекуваме и ја повикуваме Србија да ги изведе сите одговорни пред лицето на правдата и да ја добијат заслужената казна. Имаме многу да разговараме за предизвиците, вклучително и неодамнешната одлука на Централната банка на Косово (за забрана на динарот), да најдеме начини да продолжиме со дијалогот. Тука спаѓа и Заедницата (на општини со српско мнозинство), но не само тоа, рече Ескобар. иа/сд/

Тој нагласи дека не се бара само од Косово да носи тешки одлуки, туку од двете страни.

- Како што напомена претседателката Османи, двете страни мора да продолжат со целосна имплементација за да имаме историски договор. Ја покануваме Србија да продолжи со имплементацијата. Не е потребно само едностраниот напор на Косово и само негово носење тешки одлуки, за Охридскиот договор да стане реалност, рече Ескобар.

Ескобар допатува претпладнево во посета на Косово. Вдечерва во 19 часот се очекува да се сретне со лидерите на опозицијата, а утре со премиерот Албин Курти.

Остани поврзан