• недела, 22 декември 2024

Средба во Киев на Зеленски со Абазовиќ и Рама, преку видеоврска се приклучи и Ковачевски

Средба во Киев на Зеленски со Абазовиќ и Рама, преку видеоврска се приклучи и Ковачевски
Киев, 15 јуни 2022 (МИА) - Претседателот на Украина Володимир Зеленски во Киев се сретна со премиерите на Албанија и на Црна Гора, Еди Рама и Дритан Абазовиќ, а на средбата преку видеоврска се приклучи и премиерот на Северна Македонија Димитар Ковачевски. Зеленски на Инстаграм објави дека Албанија, Северна Македонија и Црна Гора го поддржуваат кандидатскиот статус на Украина за членство во Европската Унија. - Нашите земји не се конкуренти на европскиот пат. Тие се надополнуваат и ги зајакнуваат меѓусебните способности, истакна Зеленски и им се заблагодари на Рама и Абазовиќ за посетата. Тројцата лидери на земјите од Западен Балкан, кои се членки и на НАТО, усвоија Заедничка изјава во која ја поддржуваат Украина да добие статус на кандидат за членство во Европската Унија. Во изјавата се наведува дека на следниот Самит на ЕУ е неопходно да се донесат политички храбри одлуки за сите наши земји на европскиот пат за мир, стабилност и просперитет. Абазовиќ посочи дека Црна Гора ќе продолжи да ѝ помага на Украина, нагласувајќи дека Црна Гора како лидер во европските интеграции ја поддржува решеноста на Украина да ја гледа својата иднина во истата насока. „Денеска заедно со Еди Рама и Димитар Ковачевски усвоивме Заедничка изјава со која ја поддржуваме Украина да добие статус на кандидат за ЕУ. Во соопштението се наведува дека следниот Самит на ЕУ треба да донесе политички храбри одлуки за сите наши земји на европскиот пат кон мир, стабилност и просперитет“, напиша Абазовиќ на Фејсбук. - Денеска имавме многу успешен ден во Киев, особено средбата со претседателот на Украина, а потоа и со премиерот и градоначалникот на Киев Кличко. Можам да кажам дека нашата работа и должност ја завршивме на најдобар можен начин. Дојдовме овде да го кажеме ставот на Црна Гора, тоа им значи многу, многу повеќе отколку што мислиме, без разлика што нашите капацитети не се преголеми, изјави Абазовиќ за новинарите во Киев. Тој посочи и дека пристапот на Црна Гора, Албанија и Северна Македонија е нешто ново. - Целосно се солидаризиравме со нив, покажавме дека немаме никаква доза на политичка себичност во однос на прашањето за нивната кандидатура за членство во ЕУ, секако навиваме за нив. Сметаме дека тие ги бранат вредностите на ЕУ и мислиме дека тие ја бранат Европа од она што може да биде негативен пробив и дека тоа е нешто што е корисно и за нив и за нас и за членките на ЕУ. Мислам дека таа порака беше јасно пренесена, рече премиерот на Црна Гора. ссм/

Остани поврзан