• понеделник, 23 декември 2024

Србија, Северна Македонија и Албанија ќе соработуваат на енергетските проблеми и за заеднички проекти

Србија, Северна Македонија и Албанија ќе соработуваат на енергетските проблеми и за заеднички проекти
Белград, 27 јули 2022 (МИА) - Вицепремиерката на Владата на Србија и министер за рударство и енергетика, Зорана Михајловиќ изјави дека работната група формирана во рамките на иницијативата Отворен Балкан ќе им овозможи на Србија, Северна Македонија и Албанија да соработуваат не само за надминување на енергетските проблеми оваа зима, туку и да разговараат за заеднички проекти, јави дописникот на МИА од Белград. -Очекувам дека работната група ќе почне со работа многу брзо и дека пред главниот состанок во рамките на иницијативата Отворен Балкан во септември ќе имаме одредени информации и предлози, да знаеме со какви капацитети располагаме и каде можеме да си помогнеме ако е потребно. Дополнително, работната група ќе работи на потенцијален заеднички инвестициски план, како во областа на електричната енергија, така и во областа на гасот, рече Михајловиќ, соопштија од нејзиниот кабинет. Таа додаде дека Србија веќе гради гасна интерконекција со Северна Македонија и дека е заинтересирана и за поврзување со Албанија, која планира да изгради ЛНГ терминал. -Ќе разговараме за сите можности и за потенцијални проекти на соларни централи, како и за заедничко балансирање, што е важно за енергетската стабилност на целиот регион, порача срспката вицепремиерка. Таа наведе дека за Србија единствени гаранции за безбедност во гасниот сектор се поврзувањето со земјите од регионот и можноста за набавка на гас од неколку различни добавувачи. -Сите приказни што се слушаат дека нема да има друг гас освен руски, дека нема да стигне до нас, дека нема доволно азербејџански гас, дека нема доволно капацитет во ЛНГ терминалот во Грција, тоа се постојани отпори на отворањето на пазарот. Србија има еден снабдувач со гас, тоа е Руската Федерација, ние имаме две рути, од кои едната, Хоргош, е затворена за трета страна која евентуално би понудила гас. Во претходниот период тоа резултираше да цената на гасот за стопанството беше највисока во Европа, бидејќи бевме затворени, делумно и поради лоби интересите. Сега почнавме да се отвораме и се очекува да има многу отпор, напади и коментари. Навистина мислам дека српскиот енергетски сектор е затворен со години, не само последните шест години, и голема штета е што актуелната светска енергетска криза ја дочекуваме со многу помали можности за борба отколку што можевме, да порано да го завршивме гасоводот Ниш-Димитровград и да разговаравме за поврзување со други земји. Тоа се проекти чија изградба трае година или две, а не сто години. Не инвестиравме ни во нови капацитети и затоа денеска увезуваме струја, што не требаше да се случи, рече таа, одговарајќи на новинарски прашања по презентацијата на предлогот за интегрираниот национален енергетски и климатски план на Република Србија. об/вј/

Остани поврзан