• сабота, 23 ноември 2024

Србија лани потрошила речиси половина милијарда евра за модернизација на армијата

Србија лани потрошила речиси половина милијарда евра за модернизација на армијата

Белград, 1 октомври 2023 (МИА) - Српската влада во текот на минатата година инвестирала околу 460 милиони евра во модернизација на вооружените сили, додека годинава за истата намена се планирани околу 616 милиони, јави дописникот на МИА од Белград.

Според податоците на порталот Балканска безбедносна мрежа од завршната буџетска сметка во 2022 година, Србија потрошила 53,8 милијарди динари (околу 460 милиони евра) за набавка на оружје и разни други техники и потреби на вооружените сили.

„Во оваа сума се вклучени сите видови оружје, моторни возила, медицинска опрема за Воено-медицинската академија и воениот здравствен систем, надополнување на резервите на воен материјал и друго“, се наведува во текстот на порталот.

Во него се потсетува дека податоците за набавките во Србија се доверливи и затоа не се познати структурата и количините на набавена воена опрема, но дека економската класификација 512 во буџетот, која се однесува на „машини и опрема“, може да се искористи за проценка на обемот на набавките, како и годишниот извештај за работењето на јавното претпријатие Југоимпорт СДПР.

„За 2022 година вредноста на увозот е 162 милиони долари. Од таа сума, околу 85 отсто е директно за потребите на српските вооружени сили, а остатокот е за производство на компании кои индиректно се поврзани со домашните воени потреби бидејќи се работи за компоненти за домашно оружје“, се додава во текстот.

Порталот Балканска безбедносна мрежа додава дека Југоимпорт СДПР во Србија продал стока вредна 69 милиони долари, која е главно воена опрема за вооружените сили на Србија - оклопни борбени возила Милош и Лазар 3 и самоодни хаубици Нора-Б52.

„Уделот на инвестициите во одбранбениот буџет на Србија е двојно поголем од стандардот во НАТО. Висока инвестиција се смета кога 20 отсто од буџетот оди за оружје и инфраструктура, а во Србија речиси 40 отсто од буџетот во 2022 година се потрошени само за технички инвестиции. Ова високо ниво на инвестиции покажува дека во тек е обемна модернизација на вооружените сили на Србија“, наведува порталот.

Според буџетот за 2023 година, за воени потреби планирано е да се издвојат околу 1,37 милијарди евра, од кои 616 милиони според класификацијата 512 („машини и опрема“).

„Од 2016 година реалната вредност на набавките секогаш била повисока од првично планираното во буџетот и лани биле планирани 436,6 милиони евра. Буџетот првично е намален на 388,2 милиони евра во делот под класификација 512, но на крајот потрошени се 460 милиони евра“, се неведува во текстот. об/сд/

Остани поврзан