• четврток, 16 мај 2024

Спутник V: Аплициравме за вакцината во ЕУ, имаме доказ

Спутник V: Аплициравме за вакцината во ЕУ, имаме доказ
Москва, 11 февруари 2021 (МИА) - Креаторите на руската вакцина Спутник V објавија скриншот од нивната апликација до Европската агенција за лекови (ЕМА) за регистрација на вакцината, пренесува агенцијата ТАСС. „Како одговор на Европската агенција за лекови, која рече дека не може да најде дека сме аплицирале за регистрација во Европската унија, прикажуваме доказ дека тоа сме го сториле на 29 јануари. Нашата вакцина е веќе регистрирана во 24 земји“, се наведува во твитот на руската страна. Скриншотот е објавен на официјалниот профил на Спутник V на Твитер. Европската комисија соопшти дека руската вакцина Спутник V не е дел од стратегијата на ЕУ за вакцинација, ниту пак за нејзино вклучување во стратегијата на ЕУ се дискутира со нејзините производители. – ЕУ има пазар за вакцини кои подлежат на строги услови, а таму вакцините можат да дојдат, без оглед од каде доаѓаат, сè додека ги исполнуваат критериумите. Од друга страна, постои стратегија за вакцинација врз основа на која се избрани компании и се потпишани договори за вакцини, и ние не разговараме со производителите на Спутник V за пристапување кон нашата стратегија, изјави портпаролот на ЕК, Ерик Мамер. Европската комисија додава дека вакцините што се дел од стратегијата на ЕУ подразбираат процес на инвестиции на ЕУ во развој на вакцини и производствени капацитети на територијата на ЕУ. Во исто време, се нагласува дека земјите-членки имаат можност за билатерално договарање на договори со производителите на вакцини кои не се опфатени со стратегијата на ЕУ и притоа да преземат одговорност за употребата на овие вакцини исклучиво на своја територија. паг/

Остани поврзан