• понеделник, 23 декември 2024

Спортскиот работник Јордан Георгиев ја доби Наградата за животно дело на Општина Кочани

Спортскиот работник Јордан Георгиев ја доби Наградата за животно дело на Општина Кочани

Кочани, 6 септември 2024 (МИА) – По повод одбележувањето на 80-годишнината од ослободувањето на Кочани, Советот на Општината денеска одржа свечена седница на која беше доделена Наградата за животно дело, што годинава му припадна на Јордан Георгиев, истакнат спортски работник.

Образложение на одлуката за наградата даде претседателката на Општинскиот одбор за доделување награди и признанија, Кристина Атанасова Арсова.

-Достигнувањата и резултатите на Георгиев во спортот се големи, а неговите почетоци во борењето се уште од 1960 година. Наредната година бил младински шампион на Југославија, а помеѓу нив се издвојуваат и златниот и бронзен медал од учеството во подготовките на Југославија на Олимписките игри во Токио. Во 1966 година бил државен шампион на Југославија во категоријата сениори. Исто така, бил и тренер на БК „Спартак“, меѓународен судија во борење, прв од Кочани, а десетти во Македонија, истакна Арсова.

Признанието за Значајни остварувања за развојот на Општината ја доби Литературниот клуб „Копнеж“, кој работи во рамки на библиотеката „Искра“.

-Литературниот клуб „Копнеж“ е формиран во 1964 година и оваа година одбележува 60 години од неговото активно и културно делување. Со својата работа тој преставува столб на културното работење, негување и афирмирање на општината на државно и меѓународно ниво, додаде Арсова.

На свечената седница обраќање имаше и градоначалникот Љупчо Папазов кој даде отчет за изработените проекти во изминатиот период.

Во рамки на културно-забавната програма на свечената седница, настап имаа учениците од музичкото училиште „Ристо Јуруков“ кои се претставија со традиционални македонски песни. та/сст/

фото: МИА

 

Остани поврзан