• петок, 27 декември 2024

Спортот како моќна алатка за унапредување на целите на одржлив развој

Спортот како моќна алатка за унапредување на целите на одржлив развој

Скопје, 18 април 2023 (МИА) - Спортот игра важна улога во постигнувањето на целите на одржлив развој, особено кон целите за добро здравје и благосостојба, квалитетно образование, родова еднаквост, пристојна работа и економски раст, а значително придонесува и кон градење на одржливи заедници и промовирање на мирни општества со зајакната социјална кохезија.

Ова беше заклучокот од настанот на тема „Спортот како моќна алатка за унапредување на целите на одржлив развој“ во организација на спортската организација Спорт Соушал Солушнс, што се одржа во ЕУ Инфо центарот.

На настанот се обратија Армен Григоријан, постојан координатор на Обединетите нации во Северна Македонија, Емануел Гардил, заменик амбасадорка на Франција во Северна Македонија, Весна Ивановиќ-Кастаред, раководителка на Канцеларијата на УН Вомен во Скопје, Даниел Димевски претседател на Македонски Олимписки комитет, Ленче Алексовска-Величковска, декан на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје и спортскиот директор на МОК, Владимир Богоевски.

Како што информираат од Спорт Соушал Солушнс, целта на настанот, меѓу другото, беше и да се подигне свеста за потенцијалот и широката примена на спортот во општеството и потребата спортот и физичката активност да бидат клучен столб во креирање на други, меѓусекторски политики кои се во согласност со Агендата за одржлив развој 2030.

- На настанот разговараа говорниците, експертите и сите засегнати страни со цел да се изнајдат иновативни идеи и добри практики за примена на спортот како алатка за развој, инклузија, еднаквост и зајакнување на младите и креирање на посилни и отпорни заедници, велат оттаму. ар/цр

    Фото: Спорт Соушал Солушнс

 

 

Остани поврзан