• недела, 22 декември 2024

СПМ со реакција за интервјуто на министерот Османи

СПМ со реакција за интервјуто на министерот Османи

Скопје, 4 март 2023

Социјалистичката партија на Македонија со изненадување го проследи денешното интервју на министерот Бујар Османи за внесувањето на Бугарите во Уставот.

СПМ оценува дека настапувајќи како адвокат на бугарската влада Османи со ништо не го чувствува противењето на огромното мнозинство граѓани кои се изјаснија против оваа промена на уставот.

Османи, како потврдено најлош министер за надворешни работи што некогаш го имала државата Макеоднија, живее во некоја замаглена идеализирана средина во која не ги согледува потребите на државата и граѓаните.

Османи се фали дека сме кооперативни кон туѓите барања, ама не кажува дека тоа е секогаш на наша штета. Таква кооперативност бараат странските претставници и тоа ја доведе Македонија да се откажува од своето име, јазик, историја, или до фаза на самоисчезнување.

Тешките последиците од такавата политика и од предавничките договори на Заев и Ковачевски, со кои Османи се фали, ќе ги почувствуваат идните генерации. Тоа не е во неговото поле на интерес, туку обратно, се фали со тоа што работи на штета на државата.

Османи смета дека мора да се најде надпартиски консензус за промена на Уставот. Очигледно дека слепилото од партиските интереси не му дозволува реално да гледа и да ги измери последиците од така наметната промена на Уставот. Таквата изнудена насилна промена е со јасни и очекувани последици на кои укажаа бројни видни интелектуалци, експерти, граѓани и сите национално определени луѓе.

Условената и наметната промена на Уставот ќе ги трасира односите на Македонија и Бугарија но во контекст на идни уцени, ветоирања, барања, балансери, порачана едукација и други административни пречки што ќе се поставуваат од бугарското малцинство. Сето тоа е со цел за подредување на Македонија под интересите на други држави и да се блокира постоењето на државата Македонија.

Социјалистичката партија на Македонија оценува дека заради лошата политика кон Државата која треба да ја претставува, Османи, заедно со премерот Ковачевски мора да поднесат оставки и да овозможат со избори на власт да дојдат лица кои ќе го бранат интересот на државата и на граѓаните во Македонија.

Социјалистичка партија на Македонија

________________________________________________________________________________________ 

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

 

Фото: СПМ

 

Остани поврзан