• петок, 22 ноември 2024

Специјалниот претставник за миграција на Германија предлага депортирање на мигранти во Руанда

Специјалниот претставник за миграција на Германија предлага депортирање на мигранти во Руанда

Берлин, 5 септември 2024 (МИА) - Специјалниот претставник на Германија за миграциони прашања, Јоаким Штамп, предложи депортирање на мигранти кои нелегално влегуваат во Европската Унија преку границата со Белорусија во Руанда.

Овој предлог доаѓа во време кога се зголемува притисокот врз германската владејачка коалиција да ја ограничи нелегалната миграција по нападот со нож за време на фестивал минатиот месец во Солинген. Нападот е поврзан со терористичката група „Исламска држава“, што предизвика критики од крајната десница кон миграциската политика на Берлин.

Јоаким Штамп изјави дека ЕУ може да ги користи постоечките засолништа во Руанда, кои првично беа дел од планот на Велика Британија во 2022 година за испраќање на нелегални мигранти во источната африканска држава. Планот беше откажан во јули од новата влада на Киер Стармер.

Германскиот претставник за миграција предложи процедурите за барање азил во Руанда да се одвиваат под надзор на ОН.

Штамп, кој е член на Слободната демократска партија, помал партнер во владејачката коалиција, рече дека планот ќе биде насочен кон мигрантите кои влегуваат во ЕУ преку источните граници.

- Предлагам да се фокусираме на оваа група. Тоа се околу 10.000 луѓе годишно, рече тој, одбивајќи ги предлозите на конзервативната опозиција за примена на овој модел за сите мигранти.

Тој истакна дека Руанда јавно изразила подготвеност да продолжи со овој план.

Исто така, Штамп предложи отстранување на таканаречениот „поврзувачки елемент“ во новиот Европски систем за азил, кој моментално бара почитување на надворешните процедури за азил во земјите каде барателите на азил имаат социјални контакти.

Во декември, Европската Унија се согласи за нови правила за справување со нелегалните мигранти и барателите на азил, што беше сметано за пробив по речиси една деценија остри спорови по ова прашање. Договорот може целосно да стапи во сила до крајот на 2025 година.ссм/

фото: архива

Остани поврзан