• сабота, 08 ноември 2025

Специјалниот пратеник на Трамп ја пофали „клучната улога“ на Велика Британија во мировните разговори за Газа

Специјалниот пратеник на Трамп ја пофали „клучната улога“ на Велика Британија во мировните разговори за Газа

Лондон, 13 октомври 2025 (МИА)  – Специјалниот пратеник на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп за Блискиот Исток, Стив Виткоф, ја пофали „клучната улога“ на Обединетото Кралство во разговорите за постигнување прекин на огнот во Газа.

Во денешна објава на платформата Икс, Виткоф го истакна „неверојатниот придонес“ на советникот за национална безбедност на британскиот премиер, Џонатан Пауел.

Премиерот Кир Стармер се наоѓа во Шарм ел Шеик, каде што заедно со претседателот Трамп и лидерите на Египет, Катар и Турција ќе го потпишат мировниот план за Газа, во присуство на повеќе од 20 државни делегации.

Самитот, кој го коорганизираат Трамп и египетскиот претседател Абдел-Фатах ел Сиси, се одржува во рамки на напорите за зацврстување на кревкиот прекин на огнот меѓу Израел и Хамас што е во сила од петокот.

Се дознава дека Виткоф и советникот Пауел биле во речиси секојдневна комуникација изминатите недели, пренесува ДПА.

„Сакам да ја истакнам виталната улога на Обединетото Кралство во координацијата на напорите кои нè доведоа до овој историски ден во Израел,“ напиша Виткоф, додавајќи: „Посебно сакам да го нагласам неверојатниот придонес и неуморната работа на Џонатан Пауел.“

Ова следува по контроверзни изјави на британска министерка, Бриџит Филипсон, која тврдеше дека Велика Британија имала „клучна улога“ во постигнувањето на прекинот на огнот, што беше отфрлено од американски и израелски претставници.

Американскиот амбасадор во Израел, Мајк Хакаби, ги нарече изјавите на Филипсон „делузивни“, а заменик-министерот за надворешни работи на Израел, Шарен Хаскел, ја отфрли нејзината квалификација за британската улога.

Откако Обединетото Кралство минатиот месец го призна постоењето на палестинска држава – без вклучување на Хамас – Стармер најави дека ќе се потпре на искуството од северноирскиот мировен процес во делот на „разоружување“ на Хамас.

Во пресрет на египетскиот самит, Трамп допатува во Израел, каде што се среќава со семејства на заложници и ќе се обрати во Парламентот, изјавувајќи пред заминување дека и во Израел и во арапските земји има „огромна поддршка“ за мировниот договор.

- Сите се воодушевени, ќе си поминеме супер, рече Трамп во авионот.  - Мислам дека луѓето се уморни од оваа војна, додаде тој.

Трамп изрази желба еден ден да ја посети Газа, велејќи: „Би сакал барем да стапнам на таа земја.“

Стармер ќе ги повика лидерите на самитот во Шарм ел Шеик да го искористат моментумот и да преминат кон втората фаза – трајно завршување на конфликтот.

Тој ќе го пофали дипломатскиот ангажман на Трамп и на другите посредници и ќе ја потврди заложбата на Велика Британија да има активна улога во обновата на Газа.

„Стоиме решително да ја искористиме оваа можност за траен мир и стабилна иднина за целиот регион,“ ќе изјави Стармер, соопшти британската Влада. „Ова е првата, клучна фаза за крај на војната – и мораме целосно да ја спроведеме втората.“

Тој ќе објави и нов пакет хуманитарна помош за Газа во износ од 20 милиони фунти (26,7 милиони долари), а Велика Британија наскоро ќе биде домаќин на тридневна конференција за обновата на Газа.

Според планот на Трамп, Израел ќе задржи воено присуство долж границата со Газа, додека за безбедноста во енклавата ќе биде одговорна меѓународна сила составена главно од арапски и муслимански држави.

Израелската армија ќе продолжи да дејствува на околу 50 отсто од територијата што ја контролира, во рамки на договорените одбранбени линии.

Британски војници нема да бидат дел од мултинационалната сила што ќе го надгледува примирјето.

Во меѓувреме, поранешниот премиер Тони Блер се сретна со заменикот на палестинската управа, а се разгледува можноста да се приклучи на „Советот за мир“ кој ќе го надгледува управувањето со Газа.

На прашањето дали разговарал со Блер за оваа идеја, Трамп изјави: „Да, но прво сакам да видам дали Тони ќе биде прифатлив за сите. Го сакам Тони, секогаш сум го сакал, но морам да се уверам дека е соодветен избор за сите страни“. ссм/

фото: архива

Остани поврзан