• недела, 22 декември 2024

Спектакуларен концерт на „Танец“ на плоштадот во Струмица

Спектакуларен концерт на „Танец“ на плоштадот во Струмица
Струмица, 24 јули 2021 (МИА) - Ансамблот „Танец“ синоќа одржа спектакуларен концерт на отворено на платото пред Центарот за култура „Антон Панов“, на плоштадот во Струмица, во рамки на манифестацијата „Струмица-град на културата 2021“. Пред многубројната публика играорците, музичарите, хорот и вокалните солисти се претставија со одлични кореографии и сплет од богатиот македонски фолклор. Настапот на „Танец“ е дел од новата сезона на оваа национална установа, симболично наречена „Враќање“, а овој и претстојните се насловени како „Танец под ѕвездите“. Целата сезона е во чест на 100-годишнината од раѓањето на Блаже Конески, но и во духот на отпочнување на новиот сценски живот, после долгата глобална здравствена криза. Концертот во Струмица беше прв настап на „Танец“ во полн состав. Според директорот Мартин Вучиќ, враќањето на сцената им значи многу на сите членови на ансамблот. -Почнавме со вокално-инструментални концерти, но добивме можност да се вакцинираме и со тоа направивме еден колективен имунитет во најголем дел и решивме да се вратиме на сцена во полн состав. Доколку ни овозможат протоколите тоа ќе го правиме и понатаму, бидејќи по една година полека се враќаме во некоја нормала, рече директорот Вучиќ. По концертотот во Струмица, „Танец“ ќе настапи на 26 овој месец на манифестацијата „Илинденски денови“ заедно со хрватскиот државен ансамбл, „Ладо“, а на 28 јули ќе настапат и во Античкиот театар во Охрид во рамки на манифестацијата „Охридско лето“, надвор од официјалната фестивалска програма. Концертот во Охрид ќе биде хуманитарен, а средствата ќе се донираат во здравството. рт/бт/

Остани поврзан