• недела, 22 декември 2024

Спасувачите на Тајван ја продолжуваат потрагата по 18 исчезнати во разурнувачкиот земјотрес

Спасувачите на Тајван ја продолжуваат потрагата по 18 исчезнати во разурнувачкиот земјотрес

Тајпеј, 5 април 2024 (МИА) - Спасувачите во Тајван денеска ја продолжија потрагата по 18 лица кои се водат како исчезнати по земјотресот со јачина од 7,4 степени според Рихтеровата скала што го погоди планинскиот источен брег на островот. 

Во земјотресот што во средата го погоди ретко населениот источен округ Хуалиен загинаа 10 лица, а стотици останаа блокирани во национален парк, бидејќи карпите кои се тркалаа по планината го прекинаа сообраќајот. 

Противпожарната служба проценува дека 18 лица се уште се водат како исчезнати, вклучително и четворица странци за кои претходно беше пријавено дека се државјани на Индија, Канада и Австралија. 

Шест лица се водат за исчезнати на планинарска патека, а спасувачки тим од 45 луѓе се обидува да стигне до нив, јавуваат британските медиуми. 

Спасувачите потврдија дека околу 400 лица, кои беа блокирани во луксузен хотел во Националниот парк Тароко, се безбедни,  залихите им се доставуваат со хеликоптери, а повредените се евакуираат. 

Група од 50 работници кои беа заробени на патиштата што водат до хотелот сега се главно безбедни. 

Тајван лежи во близина на спојката на две тектонски плочи и е подложен на чести земјотреси. 

Повеќе од 100 лица загинаа во земјотрес во јужен Тајван во 2016 година, а во земјотрес со јачина од 7,3 степени во 1999 година загинаа повеќе од 2.000 лица. сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан