• понеделник, 23 декември 2024

Спасовски: Мора да обезбедиме дополнителни пари за Буџетот

Спасовски: Мора да обезбедиме дополнителни пари за Буџетот
Скопје, 31 март 2020 (МИА) - Нашиот банкарски сектор е здрав и затоа и можеме да се потпреме на него, но мора да обезбедиме дополнителни пари за во Буџетот, изјави вечерва премиерот Оливер Спасовски, посочувајќи дека не можеше да се предвиди оти здравствената криза ќе добие размери на пандемија и кога тоа се случува нормално е дека ќе има ефекти и на буџетските средства и на финансиите. - Врз основа на тоа што се преземаат низа рестриктивни мерки во државата, се со цел да имаме заштита во најголем дел од ширењето на вирусот, тоа предизвикува штети на стопанството и на економијата. Предизвикувањето на тие штети е поврзано и со приходите во Буџетот. Токму поради тоа сега укажуваме, врз основа на проекциите кои се прават во Министерството за финансии, колкав е падот на приходите за овие две недели во март, колкав би бил падот на приходите во мај, како ќе се движат приходите во третиот, четвртиот квартал, колку би било тоа на ниво на годината. Тоа укажува на фактот дека ние имаме потреба од обезбедување на дополнителни финансиски средства, рече премиерот гостувајќи во емисијата Топ тема на телевизија Телма. Често укажувам, додаде тој, дека ова ќе биде една од најсериозните кризи кои сме ги имале, покрај здравствената криза. - Министерството за финансии работи во овој дел и со ММФ и со Светската банка. Разговараме во однос на обезбедување на што е можно повеќе финансиски средства и мислам дека се движиме во добра насока и исто така со комерцијалните банки. До утре завршува рокот за да видиме во однос на пријавите и колку ќе можат да се обезбедат тие финансиски средства. Целиот тој пакет би бил некаде околу 600 милиони евра, рече Спасовски, кој смета дека ќе ги добиеме овие средства. Премиерот ја посочи и помошта што како брза реакција ја добивме од ЕУ во висина од 68 милиони евра, кои пари се за директна буџетска поддршка и за поддршка за потребите во здравството. ев/сп/

Остани поврзан