• недела, 22 декември 2024

Спасовски: Состојбата е целосно под контрола, се преземаат истражни дејствија за секоја дојава на бомба

Спасовски: Состојбата е целосно под контрола, се преземаат истражни дејствија за секоја дојава на бомба

Скопје, 6 март 2023 (МИА) – Состојбата е целосно под контрола. Полицијата е тука, ќе биде во секое од училиштата, во сите институции. Будно работиме, во целиот изминат период, затоа што за нас сигурноста, безбедноста и спокојот на граѓаните се на прво место, порача денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

На сила се, како што посочи Спасовски, новите упатства, мерки и планови што се преземаат за вакви кибер закани.

-  Во постојана комуникација сме, не само со Министерството за образование и наука и Министерството за труд и социјална политика, туку и со сите други државни институции, кои што практично се дел од таа алка на справување со ваквите кибер закани, изјави Спасовски, по денешната конференција „Униформа, оклоп кој значи ранивост - нашата секојдневна борба на два фронта“, во организација на МТСП.

Спасовски, исто така, подвлече дека се преземаат истражни дејствија за секоја дојава што пристигнува и дека имаат одредени сознанија за луѓе што тоа го правеле од наша територија, а во последните неколку дена генерално тие што доаѓаат со ВПН од надвор се од Иран и Русија.

- Генерално последните неколку дена според форензиката што се прави во МВР дојавите одат преку ВПН адреси, меѓутоа почетните се јавуваат од Иран и Русија. Важно е да се истакне дека тие ВПН адреси се платени преку крипто-валути, што дополнително ја отежнува можноста да се утврди точниот извршител на ова кривично дело. Имаме веќе изолирано во истражната постапка одредени сознанија за луѓе кои тоа го правеле и од територија на Република Северна Македонија. Таа истрага е во напредна фаза и кога за тоа ќе дојде моментот, ќе ја информираме јавноста, изјави Спасовски.

Согласно новите протоколи, Спасовски посочи дека МВР ќе известува доколку има било каква реална закана, додека се останато, како нереални закани со низок степен на веројатност, ќе се пренесуваат доо степен, до кој што треба да бидат пренесувани. 

- Основата на тероризмот е токму сензационалноста. Ако ја сузбиете сензационалноста, го намалувате и нивото на овие закани, рече Спасовски.  

Според Спасовски, добро е што јавната свест е на високо ниво. - Подигањето на јавната свест, значи и градење на инструменти за отпорност на општеството во овој дел, истакна Спасовски.

Во однос на трите отфрлени пријави за бомби, според Спасовски, Јавното обвинителство треба да образложи зошто смета дека квалификацијата на делото е поинаква од тоа што е доставена врз основа на информации и сознанија, кои ги има МВР.

-  Факт е дека закана со бомби, закана за активирање експлозивни направи е дел од тероризам. Меѓутоа, аргументацијата во тој дел може многу попрецизно да ја каже, оној кој што ја донел таквата одлука, изјави Спасовски.

За општеството, посочи Спасовски, е важно дека мора да имаме систем, кој што ќе има брз одговор и второ, што е најважно, сите што ова го направиле да бидат изведени пред лицето на правдата, за да се оневозможи поттикнување на другите.

Спасовски, исто така, апелираше политичките партии да не се вклучуваат во внесување политика во настани коишто се сензитивна тема и може да не загрозуваат сите. бт/аа/

Фото: МИА Фејсбук принтскрин

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан