• понеделник, 23 декември 2024

Спасовски: Состојбата во Украина дополнително ја стимулира потребата за одржување на цврста соработка со земјите од регионот

Спасовски: Состојбата во Украина дополнително ја стимулира потребата за одржување на цврста соработка со земјите од регионот
Атина, 4 мај 2022 (МИА) - Новонастанатите состојби во Украина, дополнително ги стимулираат и потребите за одржување на цврста меѓународна соработка со земјите од регионот, поради што Република Северна Македонија активно е вклучена и ги поддржува сите меѓународни иницијативи кои имаат за цел да ја зајакнат соработката и безбедноста во регионот, вклучувајќи ја и безбедноста на целиот Европски континент, порача министерот за внатрешни работи  Оливер Спасовски на почетокот на неговото обраќање за време на конференцијата на Процесот за соработка на Југоисточна Европа, што се одржува во Атина, во рамките на грчкото претседателство, јави дописничката на МИА од Атина. Министерот се осврна на влијанието и последиците од руската инвазија во Украина, потенцираше дека како и останатите држави така и Република Северна Македонија не е во целост имуна на влијанието на војната во Украина, „но во овој момент ефектите се главно индиректни и не може да се споредат со оние во некои земји членки на ЕУ како гранични држави“. -Во моментов, состојбата ja следиме преку размена на оперативни и стратешки информации најчесто преку каналот на ЕВРОПОЛ. Како рефлексија на војната во Украина зголемени се ризиците во области за кои постои потреба од засилена соработка и тоа во борбата против трговија со луѓе, каде најранлива категорија се жените и децата; зголемено делување на разни радикални и екстремистички групи би можеле да ја радикализираат состојбата или да создаваат тензии преку повици на насилни протести и демонстрации, закани и напади врз одредени лица (домашни и странски државјани и претставници) или други етнички групи; перење на пари преку пренос на пари во готовина, отворање на нерезидентни сметки и криптовалути и закани од криминални групи со висок ризик, истакна министерот. Ги спомена и мерките што Северна Македонија ги презема на национално ниво, објаснувајќи дека од првиот ден на воената агресија во Украина, „отпочнавме со соодветни процеси со цел управување на можниот мигрантски бран од Украина и заштита на лицата кои бегајќи од воените дејствија доаѓаат во Република Северна Македонија и кои немаат можност да се вратат во својата земја“. Објасни дека мерките и одлуките на Владата не се однесуваат само на лицата кои остваруваат влез и излез на државната граница, туку и на оние кои престојуваат во државата, а за сите државјани на Украина олеснети се процедурите за да можат да поднесат индивидуални барања за признавање право на азил во државата, да побараат регулирање на нивниот престој на основа на хуманитарни причини,  а може да им се обезбеди и привремена заштита. Во обраќањето на министерската конференција објасни дека „безбедноста останува еден од најзначајните параметри за мерење на европската перспектива на земјите од регионот на Југоисточна Европа“. Министерот истакна дека денес, во услови на динамично живеење, кога на безбедноста се гледа и од воен аспект, имајќи ги предвид странските воени закани и новите облици на загрозување на безбедноста, „исправени сме пред нималку лесна задача –потреба од редефинирање и зајакнување на регионалната соработка, а во исто време водејќи сметка да не се намали ефикасноста на борбата против организираниот криминал, илегалниот миграциски екстремизам и тероризам и трговијата со луѓе. Тоа мораме да го направиме, тоа е во наш интерес“. -Европските искуства говорат дека најдобар начин за постигнување на овие цели е да се воспостават ефикасни добрососедски односи, стабилност, безбедност и соработка на земјите од Југоисточна Европа. Согласно стратешките интереси за идно полноправно членство во ЕУ и исполнувањето на основните предуслови, Република Северна Македонија ги прифаќа и ги спроведува неопходните чекори на својот европски пат, рече Спасовски. Објасни дека заради просперитет на регионот „соработката треба да ја разбереме најнапред како сопствена внатрешна потреба“, но и дека самиот тип на нови закани „поуспешно може да се совлада или барем да се намали доколку соработката се остварува преку членство или во содејство со  колективните безбедносни системи“. -Состојбата бара целосна посветеност и будност на сите институции на системот, бидејќи ризиците со кои се соочуваат државите и нивната ранливост се нова можност особено за современите закани како што се организираниот криминал и тероризмот. Организираниот криминал најмногу преку инфилтрација на криминално стекнатиот капитал и коруптивните активности, а тероризмот преку дополнително креирање на страв и паника ја поттикнуваат и ја зголемуваат недовербата на граѓаните во институциите, порача министерот. На крајот од обраќањето изрази длабоко уверување дека состанокот на министрите за внатрешни работи „ќе создаде можности за нови перспективи и форми на заедничка соработка со единствена цел зајакнување на безбедноста не само во регионот на ЈИЕ, туку и низ цела Европа“. Министерот Спасовски, на покана на министерот за цивилна заштита на Грција Такис Теодорикакос денеска во Атина учествува на  Министерска конференција во рамки на претседавањето на Грција со Процесот за соработка на Југоисточна Европа (ПСЈИЕ) - 2021-2022 година. Во рамки на оваа иницијатива за регионална соработка каде покрај Република Северна Македонија членуваат и Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Грција, Молдавија , Романија, Србија, Турција, Хрватска , Црна Гора   Словенија  и Косово, приоритети  на грчкото претседавање со оваа иницијатива се: унапредување на безбедносната соработка; размена на најдобри практики за функционални демократски институции, владеење на правото и човековите права, особено во контекст на европската перспектива на регионот на ЈИЕ; поврзување и одржлив развој;  соработка на полето на инвестиции, конкурентност и мобилност; решавање на грижите за животната средина, промоција на одржлив, правичен и зелен раст; осврт на пандемијата COVID-19 и нејзините социоекономски реперкусии. ср/са/

Остани поврзан