• петок, 22 ноември 2024

Спасовски: Пријавите за бомби во училиштата се хибриден напад врз државата

Спасовски: Пријавите за бомби во училиштата се хибриден напад врз државата

Скопје, 16 ноември 2022 (МИА) - Стојам на ставот дека дојавите за поставени бомби во училиштата претставува хибриден напад врз државата и дека тоа е монструозен чин, заради тоа што без разлика кој и да го прави, со тоа ги вознемирува и учениците и нивните родители и наставниот кадар и целата држава, изјави денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

- Институциите максимално се посветени во овој дел. Јас очекувам за многу кратко време да имаме реализација во откривање на еден од сторителите, нагласи Спасовски, зборувајќи за лажните пријави за бомби во училиштата. Тој, на прес-конференцијата што се одржа во рамки на Министерската конференција за одржливо управување со миграции во Западен Балкан, одговарајќи на новинарско прашање околу нападот што се случи во Куманово, рече дека се работи за група хулигани коишто од за нив познати причини, сметале дека треба да извршат ваков напад и оти тоа нема да го наруши соживотот во градот. - Јас очекувам дека институциите на прогонот ќе бидат ригорозни во овој дел и дека ќе мора да се носат санкции. Второ, многу поголеми „играчи“ не успеале да го нарушат соживотот во Куманово. Во Куманово сите ние коишто живееме знаеме многу добро да се почитуваме без разлика дали сме Македонци, Албанци, Турци, Бошњаци, Срби, Власи... заради тоа што Куманово претставува „Македонија во мало“ и тоа нема да се случи, затоа што граѓаните се пред се луѓе коишто заемно се почитуваат и коишто ги негуваат тие традиции на соживот. Секако дека секој еден ваков хулиган којшто ќе направи каков било чекор што ќе значи нарушување на јавниот ред и мир или кривично дело, ќе мора да биде изведен пред лицето на правдата, потенцираше Спасовски. Министерот повика на одговорност и на смиреност кај граѓаните и да не се политизираат овие случаи. - Така што, кога ќе излезат деталните информации овие луѓе кои се, каде биле и кому му служеле во изминатиот период ќе ви биде многу јасно за реакциите коишто беа, истакна Спасовски. см/сп/

Остани поврзан