Спасовски: „Нова Македонија“ е еден од суштинските темелници на нашата државност
- Дневниот весник “Нова Македонија“, без никаква дилема, колку заради фактот што претставува прв македонски медиум, а уште повеќе и поради фактот што неговиот прв број излегува на крајот од Нар
Скопје, 29 октомври 2022 (МИА) - Дневниот весник „Нова Македонија“, без никаква дилема, колку заради фактот што претставува прв македонски медиум, а уште повеќе и поради фактот што неговиот прв број излегува на крајот од Народноослободителната војна на македонскиот народ на 29 октомври 1944, за сите нас е еден од оние суштински темелници на нашата државност, израз на вековниот стремеж за наша национална слобода, напиша денеска на Фејсбук министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
- „Нова Македонија“ е веродостоен и доследен хроничар и сведок на макотрпниот и тежок пат на создавање на држава, на изградбата на општество, на неговите институции, на животот на сите обични луѓе низ децениите сосе сите нивни турбуленции, предизвици и премрежија, се наведува во објавата на Спасовски по повод годишнината од основањето на весникот „Нова Македонија“.
Додава дека денес, веќе 78 години постоење, преку неговите страници и низ неговите редакции се профилираа импозантни наши личности, општественици и дејци успешни во различни области чии што придонес е тесно вткаен во развојот на нашата држава, вклучително и во годините по распадот на поранешната СФРЈ, односно во годините на самостојно и суверено егзистирање на денешна Република Северна Македонија.
- Оттаму, навистина, чествувањето на јубилејот на „Нова Македонија“ – 29 октомври - претставува не само чествување на новинарството, на повеќе деценискиот новинарски труд и потфат, туку и своевидно симболичко чествување на сите минати времиња на слободна македонска држава, подвлече министерот.
Спасовски изрази доверба и надеж дека „Нова Македонија“ ќе продолжи, како досега така и отсега, да биде професионален, точен и кредибилен медиум, општествено одговорен фактор на јавната сцена, во интерес и на својата читателска публика, но и на сите граѓани на Република Северна Македонија. сх/бк/